Париските дела на Чемерски пред домашната публика
24.06.2024 Juni Ponedelnik
Галеријата „Грал“ и Младинскиот културен центар ја организираат изложбата „Чемерски: Низ цртеж, отпосле“, со дела на реномираниот македонски уметник и академик Глигор Чемерски. Во текот на 1980-тите и на почетокот на 1990-тите години Чемерски често престојувал во Париз, каде што бил застапуван од „Галери ду Флуве“ (1983-2003). Постојано присутен на тамошната ликовна сцена, во тој период Чемерски реализирал повеќе изложби во таа галерија. Најголем дел од цртежите и гвашевите претставени на оваа изложба се неизложувани дела, интимни формати од колекцијата на париската галерија, создадени во тој период.
Глигор Чемерски (1940-2016, Кавадарци, Македонија) е сликар, графичар, мозаичар. Тој е еден од најплодните македонски модерни автори, неговите дела се застапени во голем број галерии и музеи во земјата и надвор од неа. Добитник е на голем број награди и признанија. Чемерски работел и како ликовен есеист и критичар, телевизиски уредник, сценограф и костимограф. Автор е и на повеќе монументални дела: „Топла земја“ (1971, фреска, Стопанска Банка, Скопје), „Човекот и светлината“ (1975, мозаик, ХЕЦ Вруток) „Споменик на слободата“ (1981, меморијален мозаички комплекс, Кочани), „Македонија- светла земја“ и „Македонија – земјата памети“ (2006, мозаици, Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Скопје) итн.
Живеел и работел на релацијата Скопје-Белград-Париз. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите и почесен член на Руската академија на уметностите.
Отворањето на изложбата е вечерва, во 20 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар. Кураторка на изложбата е Елена Чемерска.
Comments