„Париски рефлексии“ во Офицерскиот дом во Битола
Во градот на конзулите, со поддршка на Францускиот културен центар во Скопје, француската амбасада, Француската алијанса, почесниот конзул на Франција во Битола, е во тек изложбата „Париски рефлексии“, во организација на Националната галерија во Офицерскиот дом во Битола.
Изложбата ги претставува проткајувањата на двете култури – француската и македонската – преку ликовната уметност претставувајќи 35 дела на десетина најзначајни македонски автори од фундусот на Националната галерија, кои во своето творештво примиле влијанија во светски и во историски рамки од значајната Париска школа.
Делата се избрани и според периодот на создавање, односно најголем број од нив одговараат со периодот на престој на македонските уметници во Париз или во годините непосредно по враќањето на авторите, но и дела во кои и во подоцнежните творечки фази се чувствува влијанието од оваа школа. Доминантно, овој избор првично се базира врз афинитетот кон фигурацијата и влијанијата на импресионизмот, експресионизмот, фовизмот, кубизмот, а подоцнежните влијанија од апстракцијата, односно енформелот, надреализмот итн., ќе бидат разработени во некои следни претставувања. Фокусот на изложбата е ставен врз основоположниците на современиот македонски ликовен израз преку селективно претставување на значајните дела во сликарството и делумно скулптурата и нивното регистрирање според одредени специфични моменти од споменатите влијанија иницирајќи простор за понатамошни попродлабочени студии.
Изложбата „Париски рефлексии“, која се отвори на 11.11.2023, опфаќа избор на дела од значајната колекција на Националната галерија од следните автори: Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Вангел Коџоман, Василије Поповиќ-Цицо, Томо Владимирски, Борко Лазески, Димо Тодоровски, Димче Коцо, Борка Аврамова.
Изложбата ја отворија Сирил Баумгартнер, амбасадор на Република Франција, почесниот конзул на Република Франција, Калиопа Кривашија-Стилиновиќ, Тони Коњановски, градоначалник на Битола, и Лили Бошевска, директор на КИЦ – Битола.
Куратор на проектот е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија.
Comments