„Паралелни светови” – изложба на Денис Јагџи
На 19 октомври 2023 година, со почеток во 19 часот, во објектот Сули ан – галеријата „Драгутин Аврамовски-Гуте“, во Старата скопска чаршија, ќе биде отворена втората самостојна изложба „Паралелни светови“ на фотографот Денис Јагџи. „Во современиот технолошки галамтијас живееме со крупни чекори и со ширум отворени очи и гради прифаќајќи ги придобивките и предностите од новите цивилизациски изуми, а не размислувајќи ниту, пак, не осврнувајќи се на жртвите што ги принесуваме прифаќајќи го данокот на новата технократска доба. Побргу комуницираме, виртуелно споделуваме информации со еден клик, работата ни ја олеснуваат разновидни помагала, а ние наместо да ги зачуваме вредностите што се суштина на егзистирањето, стануваме робови на самите технолошки помагала, кои треба, всушност, да ни го олеснат животот. Зависноста што ја создаваме кон нив не претвора во маѓепсани марионети, кои колективно влегуваат во матриксот на хибридниот медиумско-платформски пејзаж и комплетно ја менуваат когнитивната перцепција на нормалното хуманистичко функционирање. Да не говориме за етичко-моралните прашања, кои се проицираат од ваквата мизансцна и кои на едно сосема цивилизациско рамниште го поставуваат дискурсот за лимитите на хуманистичката дистопија“. Низ фотографскиот објектив младиот фотограф Денис Јагџи обработува еден сегмент од ваквата реалност создавајќи инсценирани и мрачни техничко-електронски паноптикуми, како своевидни „стаклени кутии“, во кои вгнездува неприродни за средината тела – детски играчки. Јагџи ги конфронтира овие два света, кои се борат помеѓу себе и кои се белег на денешниот социо-општествен хабитус. Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура.
Comments