Панчев: Копенхаген нека биде новиот Палермо, ама стравувам што носи иднината!
- Aleksandar Santovski
- Mar 24
- 2 min read
23.03.2026 Mart Ponedelnik
Легендата на македонскиот фудбал Дарко Панчев во ексклузивно и опширно интервју за „Flashscore“ околу македонскиот фудбал и својата кариера даде свое видување за шансите на Македонија во претстојниот бараж натпревар против Данска за пласман на Светското првенство 2026.
Панчев истакна дека, иако противникот ја има фаворитската улога, македонските фудбалери не смеат да се откажат однапред. Според него, токму притисокот е на страната на Данците, што може да претставува дополнителен товар за нивниот настап.„Секогаш постои шанса, но играчите мора да веруваат во себе и да се обидат да го извлечат максимумот. Немаме што да загубиме. Данска е фаворит, но тоа носи и притисок. Во такви ситуации не е лесно да се оправда таа улога. Ако одиграме храбро, можно е да ги изненадиме, како што тоа се случи и во Палермо“, порача Дарко Панчев за „Flashscore“.
Доколку македонската селекција успее да приреди изненадување во Копенхаген, во финалето од баражот ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Чешка и Ирска. Панчев смета дека Ирска би била поповолен противник.„Чесите играат покреативен фудбал и знаат да создадат многу шанси, па затоа се поопасни. Ирска е поедноставна, со долги топки и физичка игра, и мислам дека против нив би имале поголеми шанси“, анализираше тој.
Сепак, поранешниот напаѓач не е премногу оптимист кога станува збор за иднината на националниот тим. Тој ги издвои капитенот Енис Барди и напаѓачот Бојан Миовски како клучни играчи, но изрази загриженост за квалитетот што доаѓа од младинските категории.„Искрено, тоа што го видов од младата репрезентација до 21 година не ми дава многу надеж. Само неколку играчи се издвојуваат, како Матеј Гаштаров, Меметриза Хамза, Димитар Данев и Димитар Трајков, додека кај останатите не гледам доволен квалитет. Ќе мора многу повеќе да се работи за да се создадат фудбалери кои ќе можат да одговорат на барањата на сениорската репрезентација“,заклучи Дарко Панчев.
Непосредно пред баражот, Македонија доби нов селектор. Гоце Седлоски го наследи Благоја Милевски на позицијата. Панчев даде коментар и лично мислење за оваа тема.„Само времето ќе покаже дали промената е позитивна или негатива, затоа што рано е да се носат било какви заклучоци и јас би ги оставил сите да си ја работат својата работа. Лично мислење, не би го променил Милевски пред баражот, на крајот ова беше негов успех и би го оставил да го доврши циклусот, па потоа би менувал. Ама, ќе видиме како ќе се движат работите“, заклучи тој.






Comments