top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Панчев за својот кошмар во Интер: Постигнав десет гола за клубот кој ме малтретираше и уценуваше

Дарко Панчев е прославен голгетер од овие простори и најубавите моменти во кариерата ги мина во Црвена Звезда, клуб од кој направи премин во Италија во еден од најголемите трансфери во тоа време.

Македонскиот голгетер замина во Интер како голема ѕвезда, но неговиот престој во Милано се претвори во вистински кошмар, односно ноќна мора зад која Панчев смета дека имало и политичка позадина.

Три децении подоцна, Панчев отворено говори за проблемите кои ги имал во Интер, а тоа го направи во ексклузивното интервју за „Спорт Клуб“.

– Има многу нејаснотии за тоа што ми се случуваше во Италија, на многумина околу мене не им беше јасно зошто не добивам шанса. Постојано се споменуваше моето македонско потекло, а се зборуваше дека пристигнувале и бројни писма од Грција за мене кои направија да порасне незадоволството. Не играв, а мојот трансфер беше еден од најскапите на стариот континент. Сите беа во неверица, неодамна прочитав изјава на мојот поранешен соиграч, славниот Бјанки. Тој се присети на тоа време и повторно изрази чудење зошто не играв во стартната постава на Интер.

– Кога се ќе се собере на куп, на 29 настапи за Интер, зад моето име има 10 гола. Тоа го направив во клубот кој ме малтретираше и уценуваше. Не знам како поинаку би го окарактеризирал тој мачен период во кариерата. На истекот на првата година од договорот, гостувавме во Мадрид кај Реал и игравме за трофејот „Бернабеу“. Заврши 2:2, постигнав гол и бев влијателен на тој меч. Веднаш после тоа добив повик од Севилја, ме контактираше Давор Шукер по барање на претседателот на Севилја. Сакав да одам, но наместо да добијам дозвола, добив СТОП. Добив и уцена за значително намалување на платата од мојот четиригодишен договор, нешто на што секако не се согласив.

– Нетрпеливоста растеше, следеа шест тешки месеци за мене и сакав само да играм на било кое место. Се појави Локомотива Лајпциг, последниот тим во лигата. Не ми беше важно колку е лош тимот, сакав само да одам. Отидов, знаејќи дека тимот е испаднат уште пред да заминам. Одиграв десет меча, постигнав два-три гола и не успеав да ја задржам Локомотива во елитата. Фудбалот беше и остана колективен спорт, еден Меси немаше да достигне таква слава во Барселона ако ги немаше Чави и Иниеста, – вели популарната „Кобра“.


0 views

Comments


bottom of page