Пандев си обезбеди место во историјата на ЕП
ФУДБАЛ – СТАТИСТИКА НА УЕФА
Меѓу најразличните статистички податоци по фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020 се најде и Горан Пандев, чиј израмнувачки гол на мечот Македонија – Австрија (1-3) го направи втор најстар стрелец на натпревар на ЕП, на 37 години и 321 ден, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Само Австриецот Ивица Вастиќ е повозрасен од него со голот постигнат на ЕП 2008, против Полска (1-1), на 38 години и 257 дена, од пенал. Португалецот Кристијано Роналдо беше вклучен во три од деветте реализирани пенали на ЕП (постигна вкупно пет гола) за што ја доби „златната копачка“. Тој стана првиот фудбалер во историјата на ЕП што постигнал 10 и повеќе гола (вкупно има 14), надминувајќи го рекордот на Мишел Платини, кој има девет погодока, сите на ЕП 1984. Натпреварот со Унгарија беше 39-ти за Роналдо на голем турнир (ЕП и СП), рекорд за европски играч, со што ги надмина 38-те настапи на Бастијан Швајнштајгер за Германија. Роналдо стана и првиот играч што настапил на пет ЕП (2004, 2008, 2012, 2016 и 2020). Младиот Шпанец Педри, кој беше прогласен за најдобар млад играч на ЕП 2020, е првиот што бил стартер на шест меча, на 18-годишна возраст и помалку. Тој имаше најмногу додавања на противничката половина (348), со 91,1 отсто прецизност. Лука Модриќ стана најстариот играч што постигнал гол за Хрватска на ЕП (на 35 години и 286 дена). Тој е и најмлад хрватски стрелец, на ЕП 2008 (на 22,273 години). Голот на Емил Форсберг за Шведска против Полска, по само 81 секунда, беше втор најбрз на ЕП, по оној на Дмитриј Кириченко за Русија против Грција на ЕП 2004 (65 секунди).
Comentarios