Памела Андерсон во својот кревет видела жена демнач облечена во познатиот црвен костим за капење
Памела Андерсон еднаш во својот кревет пронашла натрапничка, која всушност била нејзин голем фан и која на себе го имала култниот костим за капење на познатата спасителка на плажа. 56-годишната актерка и модел се прослави во 90-тите со улогата на Си Џеј Паркер во хит-серијата Baywatch („Чувари на плажата“), а многу подоцна, во 2001 година, била шокирана кога открила дека Французинката Кристин Рот (тогаш 27-годишна), упаднала во нејзината куќа и легнала во нејзиниот кревет облечена во препознатливиот црвен едноделен костим од серијата. Кога ја видела Памела првпат, девојката ѝ дала лист хартија, на кој пишувало: „Јас не сум лезбијка, но те сонувам“. Во интервју за весникот „Сан“ актерката вели: „Мајка ми беше во болница, а татко ми доаѓаше во градот, па јас му ја подготвував собата кога некој дојде горе и рече: Памела, има некој што спие во твојот кревет“. „Си помислив: можеби е сопругата на брат ми или можеби некој се прикраде на задната врата. Влеговме во собата и имаше една жена облечена во мојот црвен костим за капење и зборуваше француски, имаше руса коса – а потоа ми даде писменце, во кое вели дека сака да ме допре и дека затоа е тука. Видов многу мои алишта под креветот“. Гламурозниот модел и актерка, која ги има синовите Брендон (27) и Дилан (25) со поранешниот сопруг Томи Ли, додаде дека жената се исекла со скршено стакло и дека многу од предметите што недостигале во куќата биле пронајдени под креветот, каде што се криела. „Таа беше депортирана назад во Франција и имаше некои проблеми. Нејзиното семејство беше среќно кога ја виде и јас бев среќна кога видов дека си оди. Полицијата ме праша дали сакам да ми го вратат мојот костим и им реков: не, во ред е, сепак многу благодарам. Само дајте ѝ го!“ Памела веќе со децении се наоѓа на листата на најпосакувани жени во светот.
Kommentare