Палавиот „Петар Пан“ – со добра музика и разновидни чудесии – на 31 март во НОБ
Голема радост за децата во ова време-невреме, кога тие тоа најмалку го очекуваа(т) заедно со своите родители. Националната опера и балет (поранешен МОБ), на 31 март, децата ќе ги почести со балетската претстава „Петар Пан“ и тоа дури со две од 17:30 и 20:00 часот. Станува збор за омилениот лик и роман на Џејмс Метју Бари, таткото на вечните деца и на сите оние што не сакаат да пораснат. Ова е претстава за сите убавини на земјата „Недојдија“, за имагинација придружена со многу добра музика, игра и разновидни чудесии. Петар Пан е тука да ги анимира децата. Тој е синоним за палавост, волшепство и семожност. За магичен прав со кој летаат малечките херои, а нивниот свет станува едноставно волшебен. Оригиналноста на оваа претстава за деца и за сите оние што си го чуваат детето во себе е што нема класичен наратор туку либретото го пее Ѕвончица преку различни песнички.
Сценариото и сонговите ги потпишува добро познатиот Ристо Самарџиев. Визуелната магија е доловена преку костимите на Елена Вангеловска, а сценографијата е на Љупчо Јованов. Музиката е на исто така познатиот композитор Владимир Дојчиновски-Дојчин. Кореографијата и режијата се на Ирена Лозинска, а продукцијата на „М- Соунд“. „Петар Пан“ е всушност музичко балетски спектакл во кој учествуваат 56 деца од балетско студио „Арт балет“, заедно со Веселин Трајковски и Ницолас Алехандре Хоурсеау, кои се воедно гости при балетскиот ансамбл. Д.М.
Comments