Пo 42 години на театарската сцена актерот Владимир Тулиев доби отказ од Штипскиот театар
Updated: Aug 11, 2021
10.08.2021 Avgust Vtornik
Дипломираниот актер Владимир Тулиев, последниве години познат на јавноста по улогата на Дончо од телевизиската серија „Преспав“, вчера добил отказно решение од неговата матична куќа, Народниот театар во Штип.
Актерот зад кој стојат многубројни улоги во повеќе од сто театарски претстави и двасетина филмски улоги во „Панкот не е мртов“, „Трето полувреме“, „Господ постои името ѝ е Петрунија“, „Година на мајмунот“ и тоа последниве петнаесетина години вчудовиден што му се случува, на „Фејсбук“ напиша:
„Е да, драги мои колеги, пријатели и моја најдрага публико, по 42 години од првата професионална театарска претстава, сабајлево ми стигна и отказно решение! Како и да е, не дозволувајте да ви плукаат на трудот, талентот и актерската креација! Не дозволувам ни јас! Ви Благодарам за поддршката!“, напиша на својот профил Тулиев.
Како причина за отказот му било наведено прекршување на боледувањето, откако тој заедно со колеги заминал на снимање на спот за хуманитарно-еколошка акција за Преспанското Езеро. Според Тулиев, спотот бил снимен пред неговото боледување, а е емитуван јавно за време на боледувањето.
Штипскиот театар работи во рамките на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Директорот на Центарот Горан Трајков не беше достапен да даде изјава. Пред да стане директор на Домот на младите, а потоа и на Центарот за култура, штипјани Трајков го познаваат како граѓански активист.
Тулиев речиси три децении е во Штипскиот театар и важи за актер посветен на својата работа и како поддржувач на млади актери. Во едно интервју зборувајќи за потребата од трансферот на млади актери во македонската театарска мапа вели: – Треба колку што е можно повеќе. И тоа не мора да бидат само за главни и насловни ролји, нека е и епизода, ама сепак да зрачи ново име и лице на сцената. Морам да кажам дека во последните години има раздвижување на еден бран млади актери кои многу сериозно работат на себе.
За тоа дали и колку интернационалните искуства ѝ недостасуваат на театарска Македонија рече: – Секако дека е неопходно да се види кон што и како се движи театарот во Европа, а самото тоа носи еден нов и свеж бран на идеи. Можеби нема сите да се сложиме со овие нови видувања на театарот, ама секако дека носат освежување за публиката. Како пример ќе ставам претставата што ја работев во Кореја-театар, Италија, во која преовладува кореографија, ритам, музика и која искрено беше прифатена не само од публиката туку и од колегите актери. Морам да кажам дека многу добро беше прифатена и мојата енергија, емоција која беше вкомпонирана на многу професионален начин во целиот перформанс.
Comments