Оштетен муралот „Василичарска епопеја“ во центарот на Вевчани
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска остро го осуди вандалскиот чин на оштетување на муралот „Василичарска епопеја“ во центарот на Вевчани, поддржан од Министерството за култура. „Монументалното дело, прво во Вевчани, е израз на почит кон вевчанската традиција, историја и култура и треба да се вреднува како општо национално добро. Неприфаќањето на уметничкото облагородување на јавен простор, што ја засилува убавината на Вевчани, не му користи никому, а уште помалку треба да биде предмет на поделби од каков било вид. Ова вредно и оригинално уметничко дело беше промовирано пред два дена и е приказ на целата церемонија и приказна на вевчанската вековна традиција“, напиша Костадиновска-Стојчевска на социјалните мрежи. Министерката очекува осуда за ваквиот чин и од локалната власт и постапување на надлежните органи за откривање на сторителите што го уништија делото, кое е активен придонес во збогатувањето на животот на Вевчани и на посетителите на општина Вевчани.
Comentários