top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Охридско лето“ доби 32 милионa денари за над 50 настани со илјада уметници

Националната установа „Охридско лето“ за годинaшната фестивалска програма од Министерството за култура доби 32 милионa денари, што е значително повисока сума за разлика од изминатите две години, кога финансиската поддршка изнесувала околу 20 милиони денари. Годинава се предвидени повеќе од 50 настани и уметнички содржини со околу илјада уметници.

„Ние сме единствената национална установа која и во време на пандемија ја одржа програмата во целост, без намален број настани. Годинава ќе има ист број настани, но поголем број уметници. Инаку, Министерството за култура ги дава овие средства и за санација на сцените на кои се одвиваат настаните како, на пример, во црквата ‘Света Софија’, каде што се одвива 90 проценти од програмата и каде што ќе има измени во однос на седиштата што се оштетени. Дел од настаните ќе се одвиваат и на сцената на Долни Сарај, кој е, исто така, под ‘Охридско лето’. Инаку, програмата е веќе готова, а учесниците се пред потпишување на договорите. На почетокот од мај, ќе ги објавиме и програмата и сите уметници што се во оваа програма“, вели за весникот ВЕЧЕР директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Таа посочува дека финансиската поддршка што е добиена од Министерството за култура за реализација на 40-те фестивалски денови, е многу значајна за нив. „Благодарни сме што годинава се издвоени средства, кои ѝ доликуваат на вака значајна музичко-сценска манифестација. Ме радува тоа што, како тим, успеавме навремено да ги направиме сите подготовки за да имаме успешно фестивалско издание“, истакнува Поповиќ.

Инаку, изминатите две години, во време на епидемиолошка криза, „Охридско лето“, и покрај намалениот буџет, реализираше врвна програма според сите протоколи, со акцент, пред сè, на домашните уметници.

„И покрај сите предизвици со кои се соочивме во најголемата здравствена криза, успеавме да одбележиме и 60 години успешна приказна на Фестивалот. Во време кога се откажуваа големи светски фестивали, имавме успешна реализација на програмата и задоволна публика. Нашите посветеност и професионалност ги препознаа бројни уметници и љубители на уметноста кои, по завршувањето на Фестивалот, изразија благодарност за беспрекорната организација. Тоа ни даде мотив годинава да сме уште подобри, со што најавуваме дека 62. издание ќе биде едно од најуспешните во фестивалската историја на ‘Охридско лето’“, вели Поповиќ.

„Охридско лето“ традиционално се одржува од 12 јули до 20 август.


1 view

Comments


bottom of page