Охридскиот театар со премиера на „Чекајќи го Годо“ во режија на Сашо Миленкоски
Охридскиот народен театар вечерва (27 октомври), од 20 часот, на матичната сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ премиерно ќе ја изведе претставата „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет, а во режија на Сашо Миленкоски.
Режисерот Миленкоски рече дека „Чекајќи го Годо“ е едно од клучните драматуршки дела на 20 век, а и дека многу често познавачите на театарот говорат за Бекет дека е меѓник во драматургијата.
– Бекет укинува сè што Аристотел вели дека е драма – укинува време, укинува дејствие, простор. Дали ова е соодветен текст за ова време кога децата се навикнати на 14 секунди тик-ток видеа, ние да ги задржиме час и половина со сериозни теми…Токму тоа беше предизвикот, да се обидеме да се потсетиме дека имаше време кога работите беа важни…, рече режисерот.
Тој посочи дека со актерите на Охридскиот театар се прави обид да се врати изворната сила на театарот, како уметност што пркоси на напливот на вештачката интелигенција.
– Театарот како медиум е многу стар, ги преживеа и телевизијата и радиото и филмот… Она што ми беше важно, што мислам дека го направивме со овие прекрасни актери, е што ми се врати вербата дека сепак постојат луѓе кои го сакаат автентичниот театар, додаде тој.
Актерската екипа во претставата е целосно составена од актери на театарот од Охрид, и тоа Стрезо Стаматовски, Никола Тодоровски, Павел Маслов и Филип Кипровски.
Актерот Стаматовски во претставата ја толкува улогата на Владимир.
– Една од првите изведби на оваа претстава во САД била пред затвореници. И практично, тие луѓе доста длабоко го разбрале глаголот на чекањето, она кое оваа тематика ја обработува во сржта, рече тој.
Владимир, според Стаматовски, е единствениот лик кој практично има чувство за линеарно течење на времето во претставата, тој е единствениот лик кој се сеќава на она што се случило вчера, за разлика од другите ликови.
– Кога чекаме времето ужасно бавно тече, а сме оневозможени да го прелажеме со раговори кои навидум изгледаат мошне разумни, сè додека истите не преминат во навика, а ние немаме некакво влијение врз истото… Овој текст е лектира за сладокусци, поразлична, за луѓе кои навистина сакаат да одгатнат многу мистерии. Во секоја реплика, во секоја сцена, во секој момент има доста симболика, секој засебно може да ја толкува како сака, рече тој.
Comments