Охридската библиотека прогласена за библиотека на годината
Библиотекарското здружение на Македонија ја прогласи НУ библиотека „Григор Прличев“ од Охрид за библиотека на годината. Оваа установа го добива признанието во категоријата на национални установи од областа на библиотекарството.
„Ангажманот на сите колеги и излегувањето од комфорната зона го донесоа успехот препознаен од колегите членови на Комисијата. Библиотеката е нашиот втор дом, а читателите се нашето пошироко семејство“, напиша на социјалните мрежи м-р Милчо Јованоски, директор на НУ библиотека „Григор Прличев“ – Охрид. Тој додаде: „Гордоста е поголема, бидејќи признанието стигна во година кога одбележуваме седум децении откако Библиотеката го носи името на поетот и преродбеник Прличев!“
Признанието ќе ѝ биде доделено на Библиотеката на 7 декември, во НУ НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, во 14 часот.
Инаку, комисијата во состав: Јана Михајловска-Иванов, Гордана Ѓоргиевска-Неделковски, Андријана Апостоловска, Елена Станкоска и Ѓултен Ајрули, во категоријата основни училишта, им го додели признанието на основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ – Скопје и на библиотекарката Славица Тодорова. Во категоријата средни училишта, признанието го добија средното училиште „Јосип Броз Тито“ – Битола и библиотекарот Драган Ристевски и во категоријата национални установи, признанието го добија НУБ „Григор Прличев“ – Охрид и директорот Милчо Јованоски.
Comments