Охрид во Втората светска војна низ објективот на Јонче Поп Стефанија, изложба на дел од обемното тво
- Aleksandar Santovski
- Oct 25, 2022
- 3 min read
Охрид во Втората светска војна низ објективот на Јонче Поп Стефанија, изложба на дел од обемното творештво на охридскиот фотографНа фотографиите е прикажан животот во Охрид за време на војната, граѓаните, војниците присутни во градот и секојдневните активности на охриѓани. „Изложбата е почетна активност за промовирање на фотографското дело на Јонче Поп Стефанија. Идејата е да се направи документарен филм, но и да се издаде фото-монографија за неговото творештво“, вели за весникот ВЕЧЕР авторот на изложбата, фотографот и уметник Роберт Јанкулоски. Отворањето на изложбата е вечерва (25 октомври) во 19 часот во Кинотеката на Македонија
Во Кинотеката на Македонија, македонската јавност до 31 декември ќе има ретка можност да види стари фотографии од Охрид снимени во период од 1940 до 1945 година од фотографот Јонче Поп Стефанија (1915 – 1983, Охрид). Станува збор за поставка насловена „Охрид 1940 – 45“, на која се претставени 34 фотографии од обемното творештво на охридскиот фотограф, а автор на изложбата е Роберт Јанкулоски.
„Ова е прва изложба од ваков обем, а која претставува само дел од обемното творештво на Јонче Поп Стефанија. Негови фотографии сум поставувал во рамки на групната изложба на стари македонски фотографии во Скопје, Брисел и Њујорк, но сега првпат повеќе фотографии од неговиот опус се презентираат пред јавноста“, вели за весникот ВЕЧЕР авторот на изложбата, фотографот и уметник Роберт Јанкулоски.
Како што посочува Јанкулоски, фотографиите се изработени од оригинални негативи, на архивска хартија и истите се од колекцијата на Македонскиот центар за фотографија. Како дел од овој проект, пак, биле исчистени, препакувани, дигитализирани и дигитално реставрирани 1025 негативи од фотографската збирка на Јонче Поп Стефанија. „На почетокот од самото формирање, во 2000-2001 година, Македонскиот центар за фотографија од синот на Јонче Поп Стефанија, Љупчо ги доби авторските права за целокупното негово фотографско наследство. Ова беше дел од проектот ‘Македонски стари фотографии’ во којшто Македонскиот центар за фотографија го истражува, заштитува, дигитализира и промовира фотографското наследство“, појаснува Јанкулоски.
Инаку, изложбата поставена во холот на Кинотеката го опфаќа периодот на Втората светска војна, како и времето пред започнувањето на војната, а дел од фотографиите се снимени веднаш по ослободувањето на Охрид. На фотографиите е прикажан животот во Охрид за време на војната, граѓаните, војниците присутни во градот и секојдневните активности на охриѓани.
„Ова претставува само мал дел од фотографското наследство на Јонче Поп Стефанија кој со фотографија професионално се занимавал од 1936 година, а во 1944 година го откупил фотографскиот дуќан на Мирослав Бељан со кого и претходно соработувале. Постои можност некоја од изложените фотографии да е снимена и од фотографот Бељан“, се вели за изложбата.
Јонче Поп Стефанија, пак, потекнува од фотографско семејство, а неговиот вујко Ставре Попоски е еден од првите фотографи во Македонија кој се стекнал со право за професионално занимавање со фотографија. Исто така и постариот брат на Јонче, Благоја Поп Стефанија бил познат фотограф во Охрид пред Втората светска војна.
„Иако фотографијата му била основна егзистенција, меѓу многубројните сочувани негативи, исполнети со безизразни ликови снимени за лични документи, среќаваме фотографии на луѓе преку кои може да го реконструираме животот во Охрид во тој период, како и фотографии со мотиви од Охридското Езеро, Градот или пејзажи од околината. За неговото размислување и креативниот однос кон фотографијата зборува и фактот што во 1942 година, заедно со Ристо Паунчеки, организираат изложба на фотографии што била поставена во просториите на хотелот Белви (денешен Палас) во Охрид, а истата поставка била презентирана и пред публиката во Пловдив (Бугарија)“, се истакнува за изложбата.
Јанкулоски посочува дека од изложбата е направена и дигитална верзија со што овие фотографии ќе станат достапни насекаде низ светот.
„Изложбата е почетна активност за промовирање на фотографското дело на Јонче Поп Стефанија. Идејата е да се направи документарен филм, но и да се издаде фото-монографија за неговото творештво“, додава Јанкулоски.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура како дел од Годишната програма за 2022 година. (Н.И.Т.)



Comments