top of page

ОФИЦИЈАЛНО: Гоце Седлоски е нов селектор на Македонија! Фудбал

22.12.2025 Dekemvri Ponedelnik

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука за избор на нов селектор на македонската репрезентација. За нов предводник е именуван Гоце Седлоски.

Членовите на највисокото тело на ФФМ, одлуката за избор на нов селектор на македонската репрезентација ја донесоа по предлог на комисијата за избор на селектор, составена од Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ, Горан Пандев – директор на национални репрезентации, Николче Новески – раководител на скаутинг службата на ФФМ, Агим Ибраими – член на Управниот одбор на ФФМ и Марјан Стојковски – потпретседател на ФФМ.

Гоце Седлоски е едно од најпрепознатливите имиња во историјата на македонскиот фудбал. Како фудбалер, поранешниот репрезентативен капитен оствари 100 настапи и постигна 8 голови за националниот тим, со што останува првиот македонски фудбалер кој запишал 100 настапи за репрезентацијата.

Седлоски има и претходно искуство во стручниот штаб на националниот тим. Во август 2012 година ја водеше македонската А репрезентација како в.д. селектор на пријателскиот натпревар против Литванија во Скопје (1-0).

Во својата тренерска кариера, Гоце Седлоски работеше како асистент и в.д. селектор на Македонија, а на клупско ниво ги предводеше Хоризонт Турново, Вардар, Рига (Летонија), Широки Бријег (Босна и Херцеговина), вториот тим на Динамо Загреб (Хрватска), Шкупи, Влазниа (Албанија) и Работнички.

Во досегашната тренерска кариера, Седлоски освои три шампионски титули, со ФК Вардар во сезоните 2015/16 и 2016/17, со ФК Шкупи во сезоната 2021/22, како и Куп титула со ФК Вардар во сезоната 2024/25.

Како фудбалер, имаше богата кариера настапувајќи за повеќе клубови во Македонија и странство. Своите професионални чекори ги започна во Братство Горно Коњари и Питу Гули Крушево, по што настапуваше за Победа Прилеп, каде го привлече вниманието со своите настапи. Кариерата ја продолжи во Хајдук Сплит и Динамо Загреб во Хрватска. Седлоски, воедно е прв странец кој ја носел капитенската лента на Динамо Загреб. Потоа настапуваше за Шефилд Венздеј во Англија. Интернационалното искуство го надополни со настапи во Вегалта Сендаи (Јапонија), Дијарбакирспор (Турција) и Матерсбург (Австрија), градејќи респектабилна фудбалска кариера.

Фудбалската федерација на Македонија истакна дека  верува во искуството, авторитетот и длабокото познавање на македонскиот фудбал на Гоце Седлоски и смета дека ќе придонесат за стабилност, континуитет и напредок на националниот тим во претстојниот период.

ree

 
 
 

Comments


bottom of page