top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Офицерскиот дом во Битола доби највисок степен на заштита – прогласен за културно наследство од особ

Офицерскиот дом во Битола доби највисок степен на заштита – прогласен за културно наследство од особено значење„Со содржините кои почнаа да се одвиваат во овој магичен простор на „Широк сокак“, како генерација продолжуваме да ги негуваме и спомените за златното време на Битола, да го негуваме културно-историското значење на објектот, но и да создаваме нови уметнички вредности кои ќе остават траги за актуелниот културен и општествен живот на Битола и на целата држава“, истакнува министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска

Офицерскиот дом во Битола, изграден во 1912 година, од страна на Владата е прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење. Одлуката е донесена на предлог на Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство.

„Значењето и вредноста на овој објект конечно беше валоризирано минатата година откако беа усвоени ревалоризацијата на предметното добро од установа НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Битола, а потоа и ревизијата на актот за ревалоризација што го изврши Комисија формирана од Управата за заштита на културното наследство“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска.

Офицерскиот дом претставува споменик на културата, а со највисокиот степен на заштита, трајно ќе биде зачуван овој редок архитектонски објект кој сам по себе говори за практикувањето на архитектура од јавен и монументален карактер кај нас во периодот на неговото настанување. Реставрацијата на Офицерскиот дом е изведена во рамките на проектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерскиот дом со партерно уредување“, за кој Општина Битола за време на претходната локална власт доби средства од европските ИПА фондови. Од Министерството за култура посочуваат дека вкупната вредност на проектот е 58.792.610 денари, од кои Општината обезбеди над 5,8 милиони денари. Дополнително, од локалната самоуправа се вложени два милиони денари во атмосферска и фекална канализација, која ќе биде приклучена кон главната улична одводна каналска мрежа.

„Со содржините кои почнаа да се одвиваат во овој магичен простор на „Широк сокак“, како генерација продолжуваме да ги негуваме и спомените за златното време на Битола, да го негуваме културно-историското значење на објектот, но и да создаваме нови уметнички вредности кои ќе остават траги за актуелниот културен и општествен живот на Битола и на целата држава“, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, пак, истакна дека Офицерскиот дом е култно место за битолчани. Тој посочи дека како локална самоуправа практицираат Офицерскиот дом да биде репрезентативно место со кое се величи културата.

Инаку, највисокиот режим на заштита подразбира трајно зачувување на Офицерскиот дом во изворна состојба; создавање на поволни услови за опстанок на Офицерскиот дом и задржување на интегритетот на сите податоци што тој ги носи со себе како сведоштво; ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Офицерскиот дом и за неговата улога во културната идентификација; оспособување на Офицерскиот дом според неговата намена и значење, заради задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството и спречување дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање.




0 views

Comments


bottom of page