Отрезнувачко отворање на Игрите, без сјај и грандиозност
23.07.2021 Juli Petok
ДЕНЕСКА ОФИЦИЈАЛНО ПОЧНУВААТ ЛЕТНИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ТОКИО
Без сјај или грандиозност, без масовна кореографија, без многубројни реквизити, танчари и актери ќе биде денешната церемонија на отворањето на најголемиот спортски настан годинава, Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио (од 13 часот по средноевропско време и ќе трае околу три часа). Сето тоа ќе биди заменето со „отрезнувачка“ претстава, изјави за „Ројтерс“, Италијанецот Марко Балич, извршен продуцент на над 20 олимписки церемонии на отворање и на затворање, сега советник на извршниот продуцент на церемонијата во Токио. – Ова ќе биде многу поотрезнувачка церемонија. Сепак, со прекрасна јапонска естетика. Многу јапонска реалност, но истовремено и во синхронизација со сентиментот на денешната. Треба да дадеме сѐ од себе за да ги завршиме овие уникатни и, се надевам, единствени од ваков вид Игри – вели Балич, кој беше одговорен и за ЛОИ во Рио де Жанеиро во 2016 година. Растечките случаи на ковид-19 во Токио фрлија голема сенка врз настанот што минатата година беше одложен поради пандемијата и сега ќе се одржува без гледачи за да се минимизираат здравствените ризици. Секојдневно има нови случаи на инфицирани со ковид-19 меѓу акредитираните за Игрите, почнувајќи од 1 јули кога спортистите и официјалните лица почнаа да пристигнуваат во Токио. Ова се одрази и на церемонијата на отворањето, со тоа што нема да присуствуваат сите спортисти на парадата на репрезентациите, бидејќи многумина ќе пристигнат непосредно пред своите натпревари и ќе заминат веднаш потоа за да избегнат што е можно повеќе контакти. Наместо повеќе од 10.000 спортист(к)и да маршираат на стадионот исполнет до последното место како што е вообичаено, тимската парада ќе биде помала, на главно празниот стадион, на кој ќе има околу 1.000 официјални лица, со строги правила на физичко дистанцирање. Првпат во историјата на Игрите тимовите на отворањето ќе влегуваат според редоследот одреден на јапонски јазик (користејќи ја формата катакана на пишан јапонски јазик).
– Ќе има неколку стотици редари што ќе ги водат спортистите на парадата. Свеченото отворање на некој начин ќе биде уникатно и ќе се фокусира само на спортистите. Пандемијата го стори своето и ќе изостане масовната кореографија. Во Рио во 2016-та имаше 12.600 спортист(к)и и официјални лица на парадата, но овој пат ќе бидат помалку. Тоа веќе дава простор за посериозна дистанца помеѓу спортистите на стадионот. Мислам дека најголемото достигнување на креативниот тим на оваа церемонија е што успеаја да ги прифатат празните места на стадионот како неминовност и фокусот да го задржат на спортистите. Сѐ ќе биде далеку од грандиозноста на претходните церемонии. Тоа ќе биде многу искрена церемонија, ништо лажно, без многу дим и без блескавост – вели Балич.
Македонија со осуммина спортисти, први ќе настапат Деркоски и Бранковски
На Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, Македонија ќе има осуммина спортисти. Тоа се Дејан Георгиевски (таеквондо), Магомедгаџи Нуров (борење), двајцата со олимписка А-норма, Јован Стојоски (атлетика), Пулексенија Јованоска (карате), Борјан Бранковски (стрелаштво), Арбреша Реџепи (џудо), Миа Блажевска-Еминова и Филип Деркоски (пливање). Први од македонските спортисти на Игрите ќе настапат Деркоски и Бранковски, утре. Реџепи ќе настапи в недела, Георгиевски во вторник, Блажевска-Еминова в среда, Стојоски ќе настапи на 1 август, Јованоска на 5 август, а Нуров на 6 август. Шеф на македонската делегација е спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Владимир Богоевски.
Comments