Откриено скриено дело на Пикасо
21.10.2021 Oktomvri Cetvrtok
Со помош на денешната модерна технологија, научниците открија дека сликите на славниот шпански сликар Пабло Пикасо кријат целосно непознати слоеви и слики. Компанија специјализирана за пронаоѓање на „изгубената уметност“, „Оксиа Палус“, анализирала негова слика на која е прикажан слеп човек како јаде во 1903 година и под неа открила друга слика на која е прикажана гола жена на под.
Уметниците честопати користеле исти платна неколкупати низ историјата за да заштедат пари и сметале дека „скриените“ сликите не биле „доволно добри“ за продажба или изложба.
За да откријат што се крие под сликите на Пикасо, експертите користеле рендгенски зраци, а потоа со помош на модерната технологија ги анализирале потезите на четката со кои Пикасо ги пополнувал парчињата што недостигаат. На крајот, тие отпечатиле и 3Д-слика на ново платно на која се гледа „Голиот портрет на жена“ од синиот период на Пикасо.
Иако технологијата ни овозможи да ја видиме скриената слика на Пикасо, стара повеќе од 100 години, се поставува прашањето колку употребата на технологијата или вештачката интелигенција ја менува таквата слика и дали уметникот воопшто бил подготвен да му ја покаже таа скриена слика на светот?
Comments