Откриени 59 нови егзопланети
Астрономите во Шпанија открија 59 егзопланети, од кои четири би можеле да бидат погодни за живот како Земјата. Егзопланетите се небесни тела што орбитираат околу ѕвездите и се наоѓаат надвор од Сончевиот Систем. Според некои процени, експертите досега пронашле повеќе од 5.300 вакви планети во галаксии што се помалку или повеќе оддалечени од Сонцето.
Научниците од Шпанија ја набљудувале најблиската соларна галаксија со помош на моќен телескоп. Испитувањето се спроведуваше повеќе од две години пред да бидат објавени резултатите, пренесуваат шпанските медиуми.
Истражувачкиот тим анализирал 362 ѕвезди надвор од нашиот Сончев Систем, кои се поладни и помалку масивни од Сонцето, и го утврдил најточниот број на планети што ги следат овие „црвени џуџиња“, чии карактеристики личат на Земјата. Сепак, ова истражување е само почеток на подлабока анализа на универзумот.
– Ако ја споредиме галаксијата со градот во кој живееме, тоа би значело дека истражувањето сме го спровеле само во нашата станбена зграда, дури не сме излегле ни да го истражиме соседството – вели водечкиот автор на студијата Ињаси Рибас.
Тој истакна дека две од потенцијално населивите планети се наоѓаат во сончевиот систем Тигарден, оддалечени 12,5 светлосни години од нашата планета. Уште две небесни тела, како што покажаа претходните истражувања на шпанските експерти, се откриени околу ѕвездата GJ 1002, која е оддалечена од Земјата помалку од 16 светлосни години.
– Четирите новооткриени планети, според собраните податоци, имаат најголеми сличности со Земјата – вели Рибас.
Покрај откривањето на нови егзопланети, експертите од Шпанија, додека ја проучувале вселената, откриле и многу важни податоци што би можеле да бидат вредни за идните истражувања.
Повеќе од 200 специјалисти од 11 шпански и германски институции учествуваа во истражувањето, како што се Центарот за астробиологија, Институтот за астрофизика на Андалузија, Институтот за астрофизика на Канарските Острови и универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид, како и германскиот астрономски центар „Макс Планк“.
Commenti