top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Откриена џиновска озонска дупка – седум пати поголема од онаа на Антарктикот

Над тропските региони е откриена озонска дупка седум пати поголема од озонската дупка на Антарктикот. Но, според канадскиот истражувач Чинг-Бин Лу, таа постои од 1980-тите. Професорот Чинг-Бин Лу од Универзитетот во Ватерло во Онтарио ја откри оваа озонска дупка која опстојува во сите годишни времиња во долната стратосфера над тропските предели (на 30 степени северна – 30 степени јужна географска ширина). Длабочината на оваа тропска озонска дупка е споредлива со длабочината на добро познатата озонска дупка што се појавува на пролет над Антарктикот, додека нејзината површина е околу седум пати поголема. Во средината на седумдесеттите, атмосферските истражувања покажаа дека озонската обвивка, која го апсорбира најголемиот дел од сончевото ултравиолетово зрачење, може да биде оштетена од индустриски хемикалии, пред сè хлорофлуоројаглероди (CFC), се вели во статија на порталот „Дискавери“. Откривањето на озонската дупка на Антарктикот во 1985 година ја потврди штетата на озонската обвивка предизвикана од CFC. Иако забраните за такви хемикалии помогнаа да се забави осиромашувањето на озонската обвивка, новите докази сугерираат дека штетите опстојуваат. „Тропските предели сочинуваат половина од површината на планетата и се дом на речиси половина од светската популација. Постоењето на тропска озонска дупка може да предизвика голема глобална нерамнотежа бидејќи осиромашувањето на озонот може да доведе до зголемување на УВ зрачењето на ниво на земја, што го зголемува ризикот од рак на кожата и катаракта, ги намалува земјоделските приноси и негативно влијае на чувствителните водни организми и екосистеми“, предупредува професорот Лу, истражувач на Катедрата за физика и астрономија, Катедрата за биологија и хемија на Универзитетот во Ватерло. Откривањето на оваа озонска дупка, која опстојува во текот на целата година над тропските предели, беше изненадување за научната заедница, бидејќи врз основа на постоечките конвенционални фотохемиски модели, никој не го ни погоди нејзиното постоење. Губењето на озонот води до стратосферско ладење, така што постоењето на тропска озонска дупка во текот на целата година и сезонски поларни озонски дупки е еквивалентно на формирање на три „температурни дупки“ во долната стратосфера на Земјата.


2 views

Comentarios


bottom of page