Откриена скулптура на Велигденскиот Остров што била потопена
На крајот на февруари, научниците пронајдоа уште една мистериозна скулптура на Велигденскиот Остров сместена во исушената лагуна, лоцирана во средината на вулканскиот кратер. Овие големи камени скулптури во форма на човечки фигури се познати како моаи и сè уште до денес не се знае кој ги издлабил и кој ги поставил на остров во Пацификот, се наведува во репортажа на списанието „Нешнл џиографик“, пренесува „Ен-би-си“.
Досега на Велигденскиот Остров се откриени повеќе од 1.000 статуи моаи, но веројатно има уште многу. Иако многумина добија впечаток дека тоа се само извајани глави, статуите всушност имаат торзо; иако многу од нив сè уште се делумно или целосно закопани во земја.
Во просек, скулптурите достигнуваат висина од четири метри и тежат околу 10 тона. Најголемата од нив „Ел Гиганте“ е висока 21 метар и тешка неверојатни 200 тона. Повеќето од скулптурите поради некоја причина се свртени со грбот кон морето. Најстарите статуи пронајдени на островот датираат од 1300 година, а најмладите од крајот на 16 или почетокот на 17 век.
Археологот Џо Ен Ван Тилбург, директорка на проектот за скулптурите на Велигденскиот Остров, верува дека тие се направени од Полинезијци што го откриле овој остров околу 1000 година и развиле напредни социјални, политички и религиозни системи од кои потекнуваат овие моаи.
Имено, постои врска помеѓу моаи, народот Рапа Нуи и слични монолити пронајдени околу Полинезија. Експертите веруваат дека овие статуи потекнуваат од заедничка религија – дури и ако не секогаш изгледаат слично.
Рапа Нуи верувале дека нивните поглавари се директни претставници на боговите и дека по смртта тие повторно ќе станат божества. Така, научниците претпоставуваат дека, најверојатно, ги направиле скулптурите за привремено да ги задржат духовите на предците.
– Мое мислење е дека моаи се некој вид сандак каде што ги фатиле овие духови и ги чувале на безбедно за да можат да им помогнат на оние што сѐ уште се живи – вели Ван Тилбург.
Скулптурата беше пронајдена на 21 февруари од тим волонтери од три чилеански универзитети што соработуваат на проект за обновување на мочуриштата во кратерот на вулканот.
– Интересно е што во последните 200 или 300 години лагуната била длабока три метри, што значи дека ниедно човечко суштество не можело да постави моаи таму во тој период – наведуваат членовите на тимот и додаваат дека засега не планираат да ја отстранат од тоа место.
Новооткриената статуа е висока 1,6 метар и е пронајдена како лежи на страна и гледа во небото. Вулканот Рано Рараку и неговите моаи се дел од светското наследство на УНЕСКО.
Comments