Откриена непозната слика на Рафаело од 16 век
05.06.2024 Juni Sreda
Неодамна е откриена досега непозната слика на италијанскиот ренесансен сликар Рафаело Санти, која ја прикажува Марија Магдалена, соопштија експертите на меѓународна конференција во Пергола, град во централната италијанска провинција Пезаро и Урбино. Се работи за уметничко дело, за кое модел била Кјара Фанчели, насликано на плоча од топола со димензии 46х34 сантиметри и датира од 1504 година.
Сопственост е на приватен колекционер и експерти проценуваат дека навистина е насликано од Рафаело. Верзијата на овој портрет на Марија Магдалена ја насликал сликарот Перугино, учителот на Рафаело, но новите сознанија покажуваат дека новооткриениот портрет на Рафаело е уште постар од оној што го насликал неговиот учител.
Верзијата на Рафаело се смета за стилски и технички супериорна, а на неа се забележуваат суптилни влијанија од Леонардо да Винчи.
Исто така, се вели дека употребата на пропорции во портретот сугерира дека Рафаело „конечно го нашол својот јазик“ и го надминал својот учител.
Експертите ја објавија веста за откривањето на новата слика во рамките на конференцијата „Визија за совршенството на Рафаело Санти“, пред објавувањето на студијата за неговиот придонес во уметноста, која ќе биде насловена „Рафаелова Магдалена“, кога ученикот ќе го надмине учителот.
Comments