Откриен римски мозаик во Велика Британија
Римски мозаик, единствен во Велика Британија, кој прикажува една од најпознатите битки од Тројанската војна, е откриен на полињата, откако археолозите од Универзитетот во Лестер спровеле истражување на место на римска вила. Уметничкото дело е откриено за време на ископувањето на комплексот вили составен од мноштво градби што датираат од третиот или четвртиот век од нашата ера, објави Друштвото на историска Англија. Наодот е толку редок и важен што локалитетот и официјално е заштитен како споменик. Мозаикот прикажува сцена од Хомеровата „Илијада“ – епска битка меѓу Ахил и тројанскиот херој Хектор. Тој е еден од ретките вакви мозаици во Европа и бил дел од голем подиум за забава или гозба во внатрешноста на вилата. Се претпоставува дека во комплексот живеел богат човек од доцноримскиот период. Данкан Вилсон, извршен директор на „Хисторик Енгланд“, го опиша откритието како „извонредно“. Локацијата во Рутланд ја открил Џим Ирвин, чиј татко Брајан Нејлор е сопственик на земјиштето. Ирвин ги известил властите, по што започнало ископувањето. Тој раскажал дела прошетката по полињата со неговото семејство довела до „неверојатно откритие“, откако пронашол необична керамика во полето со пченица. Тоа го поттикнало неговиот интерес за понатамошна истражувачка работа. Археолозите подоцна откриле остатоци од мозаик, со димензии 11 на речиси седум метри. Мозаикот е единствен во Обединетото Кралство по тоа што прикажува двајца антички херои, Ахил и Хектор, и нивната битка што заврши со смртта на Хектор. Археологот Џон Томас рекол дека тоа е „највозбудливото откритие на римски мозаик во Британија во последните сто години“ и „многу добро зачуван пример на вила како целина“. Тој додал дека лицето што го нарачало уметничкото дело очигледно „имало познавање на класиците и имало пари да нарача таква прецизна работа“. Други згради откриени со истражувањето вклучуваат штали со премини, кружни структури и бањи, сите опкружени со ров. Оштетувањата од пожар и пукнатините на мозаикот укажуваат на подоцнежна повторна употреба на локацијата откако престанала да се користи како вила.
Откриени биле и човечки останки во урнатините што го покривале мозаикот и се верува дека биле закопани откако зградата повеќе не била користена. Возраста на човечките останки засега е непозната, но археолозите шпекулираат дека вилата била пренаменета во доцното римско или раниот средновековен период. Доказите собрани од локацијата треба да бидат анализирани од најголемиот британски експерт за истражување на мозаици, д-р Дејвид Нил. Откритието на приватното земјиште засега е закопано за да се заштити локацијата, со претворање на теренот во тревник за да се намали ризикот од идни штети при орање.
Comments