top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Откако и санираниот покрив прокисна, Драмски само со привремено решение!?

„По темелна проверка на целокупната документација за санација на покривот на „Драмски театар Скопје, направена 2018 година, констатирано е дека е заменета целокупната покривна површина на теaтарот освен страничните ѕидови на кулата. Во договорот склучен со фирмата која е изведувач на санацијата на покривот стои гарантен рок од 12 месеци. НУ Драмски театар Скопје ќе се обиде да изврши привремена санација на местата каде што протекува. Сепак, за подолготрајно решение потребен е поголем градежен зафат со целосна реконструкција, а не санација, за што се потребни поголеми финансиски средства“, велат од Драмски

Сцената на Драмскиот театар е поплавена од последните дождови, а покривот кој беше саниран пред три години повторно прокиснува на повеќе места поради што и претставите се откажани. Од Драмскиот театар, каде што вчера е вршен увидот во документацијата од поправките направени во 2018 година, посочија дека ќе се изврши привремена санација, но за целосна реконструкција додаваат, ќе бидат потребни повеќе средства.

„По темелна проверка на целокупната документација за санација на покривот на НУ Драмски театар Скопје, направена 2018 година и во разговор и консултација со тогашниот технички директор, констатирано е дека е заменета целокупната покривна површина на теaтарот, освен страничните ѕидови на кулата. Во договорот склучен со фирмата која е изведувач на санацијата на покривот стои гарантен рок од 12 месеци. НУ Драмски театар Скопје ќе се обиде да изврши привремена санација на местата каде што протекува. Сепак, за подолготрајно решение потребен е поголем градежен зафат со целосна реконструкција, а не санација, за што се потребни поголеми финансиски средства“, велат од Драмски.

Додека не се заврши привремената санација, пак, од театарот посочуваат дека ќе продолжат со проби, а претстави ќе може да се играат само на малата сцена во театарот.

Инаку, од Драмскиот театар деновиве објавија дека поради протекувањето на покривот над сцената и проток на вода во близина на струјните кола, кои се наоѓаат во овој дел од театарот, е проценето дека е небезбедно да се изведуваат претстави додека проблемот не се санира.

„Водата може да предизвика сериозни проблеми, пожар, струен удар и слично, за што мора да консултираме експерти кои би дале дозвола за понатамошна работа.

И покрај нашите планови да ги вратиме на репертоарот претставите кои не беа изведувани поради кризата со пандемијата, и навистина големиот напор на актерите и вработените во Драмски театар во многу кратки рокови да ги вратат претставите на сцената, за жал техничкиот проблем не можеме да го санираме со сопствени сили. Се надеваме дека ова во еден догледен рок ќе се санира и ќе можеме да продолжиме со нашите предвидени активности“, известија тогаш од Драмски.

Во меѓувреме на сцената се наоѓаат кофи и крпи, а на таванот и ѕидовите се гледаат флеки од протекувањето на водата.

Истото се случи и пред три години, кога во јавноста тогашниот директор Сашо Тасевски објави на социјалните мрежи слики од поплавениот објект. Тогаш од Министерството за култура беа издвоени 54 000 евра за санација на покривот. Оттаму за весникот ВЕЧЕР велат: „Секторот за инвестициони работи во Министерството за култура е во контакт со одговорните лица во НУ Драмски Театар во врска со информацијата за одложување на претставите на установата поради прокиснување на делови од покривната конструкција. По утврдувањето на причините за прокиснувањето од страна на Дирекцијата на Драмскиот театар, како и по извршениот увид во документацијата за санација на кровот извршена во 2018 година, проект поддржан од Министерството за култура, во износ од 3.920.602,00 денари, ќе бидат преземени соодветни мерки, ќе бидат побарани начини за санација на покривот“, велат од Министерството.

Оттаму исто така посочуваат дека организационата единица за инспекциски надзор на Министерството не е надлежна за инспекциски надзор над условите за работа и состојбата на објектите на установите.

Околу планот пак, за евентуална изградба на нов објект за НУ Драмски театар-Скопје, од Министерството за култура посочија дека „таква капитална инвестиција за 2022 година, засега не е предвидена“. (Д.Т.)




1 view

Comments


bottom of page