top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Отворено 62. „Охридско лето“ – Антички пулсираше во ритамот на италијанските арии и на светски попул

Отворено 62. „Охридско лето“ – Антички пулсираше во ритамот на италијанските арии и на светски популарните нумериЧетворицата италијански тенори Алесандро Косентино де Акриса, Федерико Сера, Џовани Марија Палмија и Уго Тарквини годинава беа „главните актери“ кои на присутните, со голема професионалност, но и на еден забавен начин, им ги приближија ариите од најпознатите италијански опери, но и безвременските нумери создадени од најдобрите италијански и светски композитори

Со музичкиот перформанс на четворицата врвни италијански тенори Алесандро Косентино де Акриса, Федерико Сера, Џовани Марија Палмија и Уго Тарквини, под диригентската палка на маестро Лоренцо Бицари од Италија, а во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет, вчеравечер, во Античкиот театар, беше отворено 62. издание на нашата најреномирана културна манифестација „Охридско лето“.

Токму овој фестивал, кој секоја година на едно место ги собира најголемите имиња од светот на музиката и на уметноста, овој пат на публиката ѝ понуди музичко уживање со најубавите арии од италијанските опери, но и композиции популарни и препознатливи во светски рамки.

А токму италијанските тенори овој пат беа „главните актери“ кои на присутните, со голема професионалност, но и на еден забавен начин, преку комплексна програма, им ја приближија безвременската музика создадена од најдобрите италијански и светски композитори.

Античкиот театар, вчеравечер, пулсираше во ритамот на италијанските арии и на популарните нумери, а задоволната публика бараше бис…

„Охридско лето“ за отворено и годинава го прогласи претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој воедно е и покровител на Фестивалот. Тој пред присутните посочи дека токму благодарение на фестивалот „Охридско лето“, повеќе од шест децении сме сведоци на извонредни изведби на меѓународно признати и познати уметници. Истовремено го нагласи и значењето што на програмата на „Охридско лето“ се присутни и врвните македонски музички и театарски уметници, чиишто креации ѝ се добро познати и на домашната и на светската публика.

– Конечно, по две години, во коишто пандемијата оневозможи вистинска фестивалска атмосфера и влијаеше врз фестивалската програма, „Охридско лето“ со квалитетна понуда на музички и на сценски настани се враќа на достоинствен начин, којшто и единствено му прилега. Им благодариме на уметниците што му даваат смисла на нашето постоење. Да уживаме во уметноста, во благородното и во убавото – рече Пендаровски.

Министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска, пак, во своето обраќање истакна дека „Охридско лето“ е „потврда за нашиот идентитет“, но и „потврда дека сме дел од европската култура“.

– Во нашето минато нема ништо од што би се срамеле за да мораме да го вртиме погледот од него. И нашиот јазик, и нашата музика, и нашите слики, и нашите книги, и нашите ора, и нашите куќи, и нашата кујна – сè е идентитет. И тоа што сме Македонци е идентитет, идентитет што го наследуваме, а од нас зависи дали ќе го надградиме, ќе го носиме во срцето или само ќе го вртиме по потреба низ уста. Идентитет е и љубовта кон сопствената култура и уметност – рече, меѓу другото, Костадиновска-Стојчевска.

Композиторот и музички уметник Горан Начевски годинава ја имаше честа да ја пренесе уметничката порака.

– „Охридско лето“, несомнено, е дел од душата на секој македонски уметник. За мене како композитор и оперски пејач, би било полесно да ја испратам уметничката порака во форма на соната, симфонија, опера или преку настап на концерт. Но, вечерва таа нека ги содржи зборовите што се синоним за уметниците – љубов, радост, спокој, разбирање, копнеж, пожртвуваност, решителност, упорност, поддршка, инспирација, среќа, пријателства, насмевки и, конечно, мир во светот без кој човештвото нема иднина, како и достоинствен живот на сите овде – кажа Начевски.

По традиција, свеченото отворање беше проследено со интонирање на фестивалската химна и со палење на фестивалскиот оган, а не изостана и огнометот.

И овој пат дипломатскиот кор во државата и голем број јавни личности не ја пропуштија манифестацијата. На отворањето присуствуваа и високи претставници на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА), на која ѝ припаѓа и фестивалот „Охридско лето“, предводени од претседателот на асоцијацијата Јан Бриерс,генералната секретарка Кетрин Девентер и Томас Хумел, член на Бордот на директори. Инаку, љубителите на уметноста, во рамките на ова 62. издание, ќе имаат можност да уживаат во 36 концерти, девет театарски претстави и шест настани во дополнителната програма.

До 20 август, на сцените на Античкиот театар, Долни Сарај, Центарот за култура и во црквата „Света Софија“, ќе настапат над 1.000 уметници од 25 земји.

Концерт на триото „Супниевски“ од Полска вечерва во „Св. Софија“

Во рамките на „Охридско лето“, утре (14 јули) во црквата „Св. Софија“ концерт ќе одржи триото „Супниевски“ од Полска. Основано во 2016 година, триото го сочинуваат сестрите Каролин, Магдалена и Ана, растени во семејство со полско потекло во кое музиката имала централно место. Тие студирале со реномирани музичари како Франоа Салк на Францускиот конзерваториум, квартетите „Модиљани“ и „Диотима“, со Кристоф Чорзелски и Гунтер Пихлер како дел од мајсторските курсеви „Про-квартет“. Избрани се да учествуваат на Академијата „Равел“ во Сан Жан де Луз, каде што освоиле повеќе награди.

Целта на триото е да го популаризира репертоарот наменет за ваков состав како што се Дивертиментото од Моцарт и Бетовеновите триа, истовремено посветувајќи им должно внимание и на помалку познатите композитори кои твореле за ваков состав, како Донањи и Франса. Вечерва, тие ќе ги изведат делата на Дохнањи, Кодај и на Бетовен.








1 view

Comments


bottom of page