top of page
Search

Отворено 43. „Скопско лето“: Европскиот креативен оркестар приреди извонреден концерт – на здравје С

Writer's picture: Aleksandar SantovskiAleksandar Santovski

Отворено 43. „Скопско лето“: Европскиот креативен оркестар приреди извонреден концерт – на здравје Скопје!„Културата и уметноста ни помагаат да откриеме кои сме. Провоцираат, даваат утеха или задоволство. Но пред се, тие имаат моќ да не натераат да погледнеме во душата на ‘другиот’“, посочи на отвоањето на 43. ‘Скопско лето’ амбасадорот на Европската унија во нашата држава Дејвид Гир. Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, пак, своето обраќање на кое посака и ова „Скопско лето“ да биде нашата културна сенка пред неизвесната есен и долгата зима, го заврши со зборовите на легендарните „Леб и сол“ – Ајде на здравје, Скопје

Со ексклузивниот концерт на Европскиот креативен оркестар при Институтот ФАМЕ’С, под диригентската палка на светски познатиот Тимоти Редмонд, британски диригент кој работи на опери и концерти низ Европа и САД, завчеравечер во Националната опера и балет беше отворено 43. издание на културната манифестација „Скопско лето“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност -Скопје. На првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката, присутната публика уживаше во едночасовна изведба на делата на Арон Копленд, Јан Сибелиус, Артур Хонегер, Ајана Витер Џонсон и Моцарт. Музичкиот настап на младите музичари од цела Европа, раководени од Редмонд беше награден со аплаузи и овации за беспрекорната изведба. Концертот, кој се одржува по повод затворањето на француското претседателство со Советот на Европа, е во соработка со Амбасада на Франција, Француски Институт во Скопје и проектот ФАМЕ’С.

„Културата и уметноста ни помагаат да откриеме кои сме. Предизвикуваат и прашуваат. Провоцираат, даваат утеха или задоволство. Можат да не насмеат или расплачат – само за момент помислете на маските во старогрчките комедии или трагедии. Но пред се, тие имаат моќ да не натераат да погледнеме во душата на ‘другиот’“, посочи на отворањето на ‘Скопско лето’ амбасадорот на Европската унија во нашата држава Дејвид Гир. Тој истовремено се осврна на улогата на оркестарот. „Проектот ФАМЕ’С ќе им помогне на младите луѓе од Европа во склопувањето партнерства со музичари од целиот континент преку кои ќе учат, ќе споделуваат искуства и ќе градат пријателства во име на музиката“.

Од ФАМЕ’С проектот пак, посочија дека нивната амбиција, како центар за обука, е да им овозможат на младите европски музичари од повеќе земји и од различно потекло да се сретнат, да разменуваат, да ги споделат своите културни вредности и да придонесат во развојот на нашиот заеднички европски идентитет.


Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска пред присутните уште еднаш ја потенцираше поддршката на Министерството во реализацијата на оваа манифестација честитајќи им на организаторите за професионалноста и за ентузијазмот. Таа им се заблагодари, меѓу другото, и на основачите на Фејм проектот, „Французи кои ги сметаме за наши, и во чие студио во Скопје, со македонски музичари, продуцираат музика со врвен квалитет за бројни светски филмови, серии и настани на ниво на спектакли“. Своето обраќање на кое посака и ова „Скопско лето“ да биде нашата ладовина, нашата културна сенка пред неизвесната есен и долгата зима, го заврши со зборовите на легендарните „Леб и сол“ – Ајде на здравје, Скопје.

Директорот на манифестацијата Никола Глигоров истакна дека “Скопско лето“ и годинава ќе не поведе во потрага по убавото, по достигањата и дострелите на домашната и светска култура и сето тоа благодарение на уметниците, домашни и странски…

“Скопско лето оваа година повторно ширум ги отвора портите на културен натпревар меѓу народите – ненадминлива вечна и инспиративна мисла на нашиот Гоце Делчев. Покрај настапите на домашните уметници ќе има уметници од повеќе од десетина земји. Почнувајќи од земјата на изгрејсонцето Јапонија до САД и Канада, наши драги гости ќе бидат и уметници од соседните држави од регионот и Европа, со што „Скопско лето“ го потврдува своето светско реноме. Од вечерва во наредните 40 вечери на повеќе од 20 локации распослани низ Скопје ќе се дружиме со македонски и светски уметници. Вечерва имаме исклучителна можност Скопје и „Скопско лето“ да биде домаќин на овие прекрасни луѓе кои доаѓаат од државите на ЕУ со една и единствена порака, со поддршка за нашите стремежи да станеме и ние дел од големото европско семејство“, истакна на отворањето Глигоров.

Во рамките на „Скопско лето” денес на малата сцена во Македонскиот народен театар со почеток во 20:30 ќе се одигра урнебесната комедија „Торонто експрес“.

Во рамки на фестивалот, кој ќе трае до 30 јули, меѓу другото ќе се одржат театарски претстави, изложби и промоции. „Скопско лето“ ќе заврши со европска промоција на албумот „Click right here“ на канадскиот џез-пејач Ори Даган. (Д.Т.)






 
 

Comments


bottom of page