top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Отворени денови на Институтот „Крсте Мисирков“: Врвен приоритет е да се подигне нивото на говорна и писмена јазична култура на македонскиот јазик

14.10.2024 Oktomvri Ponedelnik

„Годинава одбележуваме 150 години од раѓањето на нашиот патрон Крсте Мисирков и 80 години од прогласувањето на македонската држава и на македонскиот јазик како службен, кодифициран јазик во неа. АСНОМ е ореолот на крајот од вековната борба за независна македонска држава. АСНОМ е светилникот што ги осветли коските на паднатите борци, на најхрабрите македонски синови за слобода, идентитет и државност. Со АСНОМ, македонскиот народ му ја претстави на светот македонската држава со сите државотворни знаци, вклучително и официјален, службен македонски јазик. А, борбата за државност и кодификација е свесна, достоинствена, крвава и многувековна“, рече денеска проф. д-р Елена Јованова-Грујовска на почетокот од манифестацијата „Отворени денови на Институтот за македонски јазик ‘Крсте Мисирков’“, која ќе се одржува во Скопје, до 18 октомври.

Во поздравното обраќање, Јованова-Грујовска, директорката на Институтот за македонски јазик, потсети дека Крсте Мисирков, роден пред 150 години (на 18 ноември 1874, во Постол Ениџе, Варадарско) е еден од најзначајните македонски филолози, славист, прв неформален кодификатор на македонскиот јазик и правопис, историчар, етнограф, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво.

„Тој се појавува во вистинско време – во време на самоосознавање на Македонците. Во своето најзначајно дело, книгата „За македонцките работи“, во петтата статија во врска со основата за македонскиот литературен јазик ќе истакне дека ‘околу централното наречје треба да се групираат сите наши научни и литературни сили за да го очистат и да го обогатат со сокровиштата од другите македонски наречја и да создадат од него еден убав литературен јазик. На него треба да се создаде една богата училишна, научна и уметничка литература за да може преку нив да се рашири низ цела Македонија во вид на литературен јазик што ќе ги измести од неа јазиците на пропагандите, а со тоа и интересите на балканските државички’“.

Таа додаде и дека конечниот кодификатор на македонскиот јазик, Блаже Конески, упатувајќи на заслугите на Мисирков за македонскиот литературен јазик, посочил: „Тој со својата книга (се мисли на „За македонцките работи“) и на практика покажа како го замислува обликот на македонскиот литературен јазик, така што изврши еден голем експеримент на неговата кодификација. Продолжувајќи го она што се започна во минатиот век, Мисирков изврши смела синтеза и така го изведе македонскиот јазик на патот на модернизацијата.“

Во рамките на „Отворените денови на Институтот за македонски јазик ‘Крсте Мисирков’“, годинава ќе бидат одбележани и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски.

„Гане и Петре ги напишаа најубавите дела на македонски литературен јазик и со тоа ја потврдија успешната кодификација на нашиот јазик. На истиот литературен јазик, научен потстил, веќе осма деценија твориме, пишуваме книги и речници во Институтот ‘Крсте Мисирков’ и во сите високообразовни и научни институции во државата“, додаде Јованова-Грујовска, потсетувајќи дека, како институција, го завршиле проектот „Лексиката во македонската народна проза“ и започнале со етимолошкиот речник на македонскиот јазик.

На отворањето на манифестацијата „Отворени денови на Институтот за македонски јазик“ се обрати и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

„Македонскиот јазик е наше национално идентитетско обележје што системски ќе го негуваме, заштитуваме, унапредуваме и афирмираме. Министерството за образование и наука ќе финансира научни проекти и особено внимание ќе обрне на учењето на македонскиот јазик како заеднички јазик на разбирање во земјата. Многу доцниме, но врвен приоритет е да го подигнеме нивото на говорна и писмена јазична култура на македонскиот јазик“, нагласи таа, истакнувајќи дека учителите по македонски јазик на сите образовни нивоа знаат колку е потребна поголема грижа за македонскиот јазик.

Министерката рече дека образованието обезбедува јазикот да остане жив, да биде дел од нашето секојдневие, да го збогатува нашето културно ткиво и да го јакне нашиот национален идентитет, а науката, истражувајќи го јазикот, ја документира неговата еволуција, развива ресурси за негово унапредување, ги ревитализира и ги промовира културните практики и традиции поврзани со него.

„Ќе продолжиме со активните политики за стипендирање студенти на програмите по македонски јазик и книжевност, работиме на проширување на можностите за финансирање на научната работа и отворени сме за соработка со сите релевантни чинители за унапредување на образовно-научните можности поврзани со македонскиот јазик“, додаде Јаневска.

Како дел од мерките на државно ниво насочени кон негување на македонскиот јазик, таа гo наведе јакнењето на преведувачките и толкувачките капацитети за македонски јазик и зголемувањето на бројот на лекторати по македонски јазик во странство.

„Лекторатите по македонски јазик се мали културни центри во светските метрополи, но огромни по своето значење за афирмацијата на државата, македонскиот народ и нашата вековна култура. Тие се убава можност за отворање на Македонија кон светот, со својата древна духовност и сета големина градена низ вековите“, посочи Јаневска.

Пригодно обраќање на манифестацијата имаше и академик Катица Ќулавкова, која говореше за историјата на македонскиот јазик, која ги надминува границите на современата македонска држава и како таква од древните епохи, преку средновековието, па до денес, треба да биде предмет на проучување од посебен национален и државен интерес. (Н.И.Т.)


0 views

Comments


bottom of page