top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Отворена Спомен-соба на Есма и на Стево Теодосиевски во Брисел

Updated: Oct 6, 2021

04.10.2021 Oktomvri Ponedelnik

Во Брисел, Белгија, на 1 октомври беше отворена Спомен-соба на големите уметници и хуманисти Есма и Стево Теодосиевски. Токму во овој град на 9 мај годинава, на Денот на Европа, по кралицата на ромската песна се именува метро-станица, поради нејзиниот придонес во европската историја и нејзината посветеност на музиката и на хуманитарната работа. Иницијатор на овој настан е Симеон Атанасов, синот на Есма, кој со својата група „Есмас бенд некст генерејшн“ ја продолжува нејзината музичка приказна низ светот. Тој е и голем поборник да се оствари аманетот на големата пејачка и хуманитарка, нејзината куќа на Калето во Скопје да се претвори во музеј и бесплатно музичко училиште за млади таленти. Во реализацијата на идејата за отворањето на Спомен-собата во Брисел му помогнаа Елеонора Мустафовска, последната ученичка на Реџепова, и нејзиниот сопруг Оливиер Бони. – Мојата идеја немаше да стане реалност без големата поддршка на Оливиер Бони и неговата сопруга Елеонора Мустафовска, пејачка на нашата група „Есмас бенд, некст генерејшн“. Нивната организација „Есма – дијалог помеѓу културите“, која е главен организатор на оваа изложба, има во план да го презентира овој проект во повеќе градови низ Европа. Во Брисел од 1 до 15 октомври ќе бидат изложени фотографии, неколку фустани што Есма ги носеше на своите концерти, накит, последната книга на авторот Славе Катин и други предмети и спомени. За жал, не успеавме да зачуваме многу работи за да ги изложиме, но се надевам дека еден ден бесправно земените предмети и сѐ што е вредно од долгогодишната кариера на Есма и на Стево Теодосиевски ќе бидат вратени – вели Атанасов.

Елеонора Мустафовска вели дека ќе има и други проекти што ќе ѝ бидат посветени на Есма Реџепова, но и за зачувување и промовирање на ромската култура во светот. – Среќна сум што можам барем нешто да направам во спомен на мама Есма, затоа што таа направи многу за мене и заслужува многу повеќе од ова. Креиравме организација со мојот сопруг Оливиер Бони, што ја нарековме „Есма – дијалог на културите“, преку која, се надеваме, во иднина ќе бидат реализирани уште многу проекти, со кои ќе се промовираат ромската култура и традиција – вели Мустафовска. Според Оливиер Бони, музиката и уметноста не познаваат граници и заедно со Елеонора, преку нивната невладина организација, тие ќе се залагаат изложбата да патува во други градови и земји. – Сакаме да им ја вратиме гордоста на ромските музичари, кои често се изолирани од општеството, наспроти фактот што меѓу нив има многу талентирани уметници и творци. Токму за тоа Есма се залагаше за време на 55 години долгата интернационална музичка кариера – вели Бони.


1 view

Comments


bottom of page