top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Отворена изложбата „Жени во занаетчиство“ во Кабинетот на претседателот

Уникатни изработки од 30-тина жени занаетчии се поставени на изложбата насловена „Жени во занаетчиство“, која следниве два дена ќе биде отворена во Кабинетот на претседателот, по повод Деновите на занаетчиството. Изложбата е под покровителство на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓорѓиевска, а во организација на Центарот за управување со промени.

Според сопругата на претседателот Елизабета Ѓорѓиевска, целта на овој настан е да се пренесе една важна порака, а тоа е значењето и придонесот на жените занаетчии во одржувањето на традиционалните занаети – зачувувањето на културното богатство и поттикнување на економскиот развој на земјавата.

-Жената несомнено е клучен двигател во општеството и на општествените процеси во различни сегменти, така што и женското претприемништво се препознава како значаен фактор за економскиот развој на земјата. Учеството на жените во бизнис активностите ги трансформира квалитетот и структурата на работната сила и општеството во целина, рече Ѓорѓиевска во своето денешно обраќање по повод отворање на изложбата.

Според неа, денес можеме да бидеме сведоци на клучната улога на жената во развојот на занаетчиството. Како што потенцираше, промоцијата на занаетчиството е главен фактор на економскиот развој, во зачувувањето на традицијата и културата на нашата земја.

Ѓорѓиевска напомена дека занаетчиството мора да се препознае како важен дел од стопанството, како гранка која нуди перпсектива за вработување на жените, за отпочнување на мали бизниси, но и како една од главните алки со севкупното стопанство.

-Занаетчиските бизниси се микрокомпании кои имаат економска вредност во државата. Занаетчиството во Северна Македонија заслужува внимание, има потенцијал и нуди можности. Тоа не е само традиција и чувар на културата, туку и високо техничко занимање, атрактивно и перспективно, особено за жените на кои им овозможува флексибилна работа, работа од дома и комерцијализација не вештините со кои тие веќе располагаат. Занаетчиството на овие простори било дел од животниот пат на бројни занаетчии, кои со своите умеења и вештини оставиле впечатливи траги и безброј уметнички експонати и дела во земјата и надвор од неа, додаде Ѓорѓиевска.

Според Ѓорѓиевска, она што е потребно е да направиме препознатлив бренд од традицијата. На жените, како што рече, им недостасува финансиска помош, поддршка, дополнителна едукација, добар маркетинг за пласирање на нивните производи на домашниот и на странскиот пазар.

-Токму затоа, денеска ја потенцираме улогата на жената занаетчија како клучен економски двигател но и како промотор на културата. Од овие причини ќе продолжиме да работиме заедно за економско заживување на овој сектор, популаризација на можностите на овие занимања и стимулирање на младите и на жените да почнат сопствени бизниси, со цел економско јакнење на жените и во правец на поголема родова еднаквост во државата, додаде Ѓорѓиевска.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска во обраќањето нагласи дека жените занаетчии имаат силен поддржувач во ова Министерство.

-Ваквите времиња не потсетуваат на силината на понежниот пол, и во најтешкото да најде излез, да даде совет, да внесе мир, од едно да направи две. Затоа примете ја мојата почит и благодарност за овој инспиративен настан. Вашиот претприемачки дух е неопходниот здив преку кој се одржуваат во живот занаетчиството, нашата традиција а со тоа и нашето непроценливо културно богатство. Гледам дека тоа богатство е и вашата инспирација, а она што го создавате денеска со вашите вешти раце за културата останува во културата. Така било, така и ќе биде, додаде министерката.

Според амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мери Брнз, да се слави женското прептриемништво е навистина огромна чест и привилегија. Таа напомена дека оваа изложба е импресивен пример за работата на Центарот за управување со промени и уште поважно, за работата на жените претприемачи.

-За да го подобриме животот на жените и на девојките и за да ја зајакнеме економијата, ние долго време го поддржуваме нашиот партнер, Центарот за управување со промени, кој работи со жените и девојките во Северна Македонија за подобрување на статусот на жените. Заедно можеме да ги надминеме економските предизвици наметнати од Ковид-19, и секако да развиеме долгорочни решенија вклучително преку воведување на нова технологија, рече амбасадорката Брнз.

Таа додаде дека оваа изложба ја отсликува промоцијата на дигитални вештини при уникатни изработки, притоа инкопорирајќи и истакнувајќи ги скапоцените традиционални вештини. Ваквите бизниси како што рече, стануваат уште пропрофитабилни бидејќи го зачувуваат културното наследство на Северна Македониј и ги оживуваат речиси заборавените традиционални вештини на нови модерни начини.



1 view

Comments


bottom of page