top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Отворање на изложбата „Имагинариум“ – илустрации за деца на академскиот уметник Христина Мазнеска

Имагинацијата претставува најголема слобода и креативна активност во животот на децата преку која невино ја градат и неуморно ја развиваат својата интелигенција. Со замислувањето свет креиран според личните убедувања и желби најмладите создаваат автентичен и независен поглед и вредности. Детската литература придонесува во развојот на нивната интелигенција, емотивност, креативност и имагинација. Книгата проследена со восхитувачки илустрации им помага на најмладите да замислат или создадат имагинарен свет управуван од лични правила и да се одвојат од светот на возрасните, кој е преплавен од обврски и правила. Впечатливата сликовитост на илустрациите во детската литература е незаменлива во изградбата на богата имагинација како најсуштинска творечка активност во детството. Разигрувајќи ја моќната фантазија на детските умови со помош на визуелните ликовни интерпретации на пишаните зборови, децата стекнуваат способност бргу да учат и правилно да расудуваат. Сказновидните и чудесни настани преку ликовната илустрација стануваат јасни и разбирливи. Безбројните фантазии на уметникот исткаени во невообичаените настани што им се случуваат на ликовите одеднаш добиваат смисла. „Имагинариум“ претставува самостојна изложба на академскиот уметник Христина Мазнеска, која ја сочинуваат 50-ина креативни колоритни илустрации за деца изработени во периодот меѓу 2018 и 2022 година. Ингениозноста и сестраниот креативен потенцијал на Мазнеска најдобро се одразуваат преку нејзиниот разновиден сликарски и илустраторски творечки опус. Многубројните илустрации за деца се изработени во дигитален медиум (таблет за цртање и дигитален софтвер). Како резултат на успешната и плодна соработка меѓу авторите од разни земји (САД, Канада, Австралија, Велика Британија и Бугарија) и Мазнеска произлегуваат многубројни раскошни и разиграни дигитални илустрации коишто на невините детски умови визуелно им ја пренесуваат убавината на светот и ги подучуваат на моралните доблести – идни водилки, кои треба да ги применуваат во текот на животот. Во ликовниот стилски израз на Мазнеска одѕвонува привлечна естетика која потсетува на легендарните Дизниеви цртани, особено во: прикажувањето на особините на ликовите во приказната (храброст, лојалност и љубопитност), употребата на широка колоритна палета, која овозможува создавање живописни амбиенти, кои предизвикуваат разни емоции и инвентивна сложена наративност со многубројни специфични детали во разиграните илустрации. Преку бујната и инвентивна ликовна интерпретација на сказновидните настани и бајковитите авантури на неповторливите ликови уметничката со автентичен семиотички јазик го обединува вистинитото и измисленото. Христина Мазнеска е сестрана уметница, која работи во доменот на визуелните и применетите уметности. Родена е во Прилеп во 1995 г. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2018 година, во класата на проф. Жанета Вангели, на отсекот сликарство, со модул графички дизајн. Како добитничка на стипендиите „Еразмус+“ и CEEPUS за студентска мобилност во текот на своите студии студира и на Академијата за ликовни уметности во Загреб, Хрватска, како и на унгарскиот Универзитет за ликовни уметности во Будимпешта, Унгарија. Имала четири самостојни изложби во земјата, а била учесничка на повеќе од триесет групни изложби и креативни работилници. Од 2018 година работи како илустратор на многубројни креативни проекти. Досега има илустрирано и дизајнирано десетина странски книги за деца. Освен тоа, како уметник работела и на четири видеоигри. Живее и работи во Скопје. Има дневник за цртање, каде што доловува моменти од секојдневието и убавините на природата. Изложбата трае до 30 август.


1 view

Comments


bottom of page