Остатоци од последниот тасманиски тигар пронајдени по 85 години
Тасманискиот тигар починал во заробеништво во зоолошката градина во Хобарт во 1936 година, а неговото тело му било предадено на локалниот музеј. Но она што се случи подоцна со неговиот скелет и кожата беше мистерија.
Музејот и уметничка галерија на Тасманија изгубија трага од остатоците и се веруваше дека се отфрлени. Новото истражување откри дека тие биле во музејот цело време, зачувани, но не и правилно каталогизирани.
– Со години, многу музејски куратори и истражувачи безуспешно ги бараа неговите остатоци, бидејќи нема забележан материјал од тасманискиот тигар од 1936 година – рече Роберт Пад, кој објави книга за истребувањето на видот.
Но тој и еден од кураторите на музејот пронајдоа необјавен извештај на таксидермист, што предизвика преглед на музејските колекции. Исчезнатиот примерок на женка го пронашле во плакарот во Одделот за образование на музејот.
– Тој се носеше низ Австралија како патна изложба, но персоналот не знаеше дека станува збор за последниот тасманиски тигар. Беше одбран затоа што беше најдобро зачуван во колекцијата. Тогаш тие мислеа дека ова животно сè уште постои во дивината – рече кураторката Кетрин Медлок за австралиската радиодифузна корпорација.
Таа додаде дека кожата и скелетот сега се изложени во музејот во Хобарт.
Се верува дека тасманискиот тигар шетал во Австралија, а неговата популација паднала поради влијанието на луѓето и австралиското диво куче динго.
Comments