Основана фондација и награда во чест на Горан Стефановски
13.06.2024 Juni Cetvrtok
Факултетот за драмски уметности од Скопје во рамките на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ја промовираше фондацијата „Горан Стефановски“, а Драмскиот театар од Скопје ја претстави штотуку востановената истоимена награда за драмски текст. Продеканот за настава при ФДУ во Скопје, Сашо Кокаланов, ја образложи идејата за фондацијата и посочи дека Горан Стефановски секогаш бил тука да ги поддржи младите автори, да им биде ветер во грб, особено во онаа почетна фаза.
– Идејата да се направи фондацијата „Горан Стефановски“ беше поттикната со цел да се зачува сета онаа оставина од нашиот драг професор. Не се само драми напишани на македонски, на англиски, не се само изведбите на тие драми, туку тоа е една драмска школа што треба да продолжи, драмска традиција што треба да се пресоздава. Во разговор со професорот Унковски дојдовме до заклучок дека најдобар начин за да се продолжи делото на Горан е да се направи фондација. Идејата ја поддржа и УКИМ „Свети Кирил и Методиј“. Цел ни е да ги објавиме сите негови драми во едно големо издание, да го дигитализираме целото творештво на Горан Стефановски, да биде достапно на повеќе светски јазици. Вториот сегмент ќе биде насочен кон поддршката на младите автори. Фондацијата ќе ги поддржува и формалното и неформалното образование кај младите драмски автори и ќе ги стипендира. Финансиска поддршка веќе имаме и од приватниот и од бизнис-секторот – истакна Кокаланов.
Директорот на фондацијата, режисерот Александар Поповски, е среќен што е дел од оваа приказна.
– Ќе посочам дел од она што е есенцијата од намерата за основањето на фондацијата. Дел е од она што Горан ни го пренесуваше и ни го раскажуваше. Велеше: „Сите живи суштества се раѓаат со инстинктот на преживувањето. Пајаците за да преживеат имаат совршен вроден инстинкт за ткаење мрежи. Луѓето за да преживеат имаат совршен вроден инстинкт за ткаење приказни, за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се срж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет. Идентитетот е приказна за тоа кои сме, што сме, што сакаме, за да можеме да преживееме во суровиот свет. Оваа приказна мора да биде точна, заснована на познавањето на теренот, на длабок увид. Погрешната приказна може скапо да нѐ чини. Да нѐ одведе во заблуда, во ќор-сокак… Ниедна култура не може да опстане без точна, силна, автентична приказна“. Оваа навидум едноставна порака беше дел и од предавањата и од соработката со Горан. Настојуваше фантастичното, пребогато минато што го имаме, на автентичен начин да го носи во некаква иднина – рече Поповски.
Драмскиот театар – Скопје ја востановува наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст.
– Годинава Драмскиот театар ја востановува наградата за најдобар драмски текст на млад автор до 30 години, награда што ќе го носи името на Горан Стефановски. Идејата е многу благородна и истовремено со неа му се оддава должна почит на авторот, кој, практично, направи голем успех и за себе, и за Драмскиот театар во периодот кога се изведуваа неговите текстови. Најголемите успеси на Драмскиот театар се врзуваат кога се изведуваа претстави според текстови на Стефановски и ние сме должни да му оддадеме почит. Одлуката да се доделува наградата е зашто најдобрите дела, почетоците на Горан Стефановски, се напишани на многу рана возраст: на 22, 25, 27 години. Им даваме поддршка и на младите драмски автори да се реализираат и да го продолжат дејствувањето и да го продолжат континуитетот на македонската драматургија. За нас тоа е важно, зашто младите автори се најпрогресивни, најотворени во делата што ги пишуваат – рече Викторија Рангелова Петровска, директорка на Драмскиот театар.
Во рамките на фестивалот „Војдан Чернодрински“ ФДУ го прикажа документарниот филм „Траги“ посветен на Горан Стефановски. Ка.М.
Comments