top of page

Оскаровецот Глен Кин, аниматорот зад најголемите хитови на „Дизни“, извлечен со хеликоптер од планина

30.07.2026 Juli Cetvrtok

Добитникот на „Оскар“ и легендарен аниматор Глен Кин, човекот кој стои зад некои од најпознатите анимирани филмови на „Дизни“ од деведесеттите години, беше спасен со хеликоптер откако му се слошило за време на планинарење во американската сојузна држава Аризона, пренесува „Пипл“.

Спасувачките екипи добиле повик за итна медицинска интервенција во средата наутро, откако било пријавено дека планинар има здравствени проблеми на врвот на планината Мами. Подоцна било потврдено дека станува збор за 72-годишниот Глен Кин.

Во моментот на инцидентот тој планинарел со своите внуци. За локалните медиуми раскажал дека почувствувал силна вртоглавица и сфатил дека не може самостојно да се симне по тесната и стрмна патека, па побарал помош.„Знаев дека навистина ми е потребна помош.“

Поради непристапниот терен, противпожарната служба испратила хеликоптер кој го извлекол Кин од планината и го пренел до безбедна локација. Иако му било понудено да биде пренесен во болница, тој ја одбил понудата.

По спасувањето, славниот аниматор им се заблагодарил на спасувачите и опишал колку опасна била целата операција.„Додека ме подигнуваа со хеликоптерот, ги гледав местата по кои се искачував како дете. Помислив: Господи, благодарам. Навистина е благослов што тие луѓе беа таму. Тие ги ризикуваа сопствените животи на самиот раб од таа тесна карпа. Навистина беше како да стоите на острица од нож.“

Противпожарната служба објави и снимка од спасувачката акција, а надлежните повторно апелираа граѓаните добро да ги проценат ризиците пред да тргнат на планинарење во услови на екстремно високи температури.„Секој треба искрено да се запраша: Дали е навистина паметно да се најдам на оваа патека кога уште во седум часот наутро температурата е 34 степени?“, изјави капетанот Тод Келер.

Глен Кин е роден во Филаделфија, но израснал токму во Парадајс Вали, а денес живее во Париз.

Во текот на повеќе од три децении работа во „Дизни“, почнувајќи од седумдесеттите години, тој беше еден од клучните луѓе во златната ера на студиото. Работеше на анимираните класици „Малата сирена“, „Спасувачите во Австралија“, „Убавицата и ѕверот“, „Аладин“, „Покахонтас“ и „Тарзан“.

По заминувањето од „Дизни“ во 2012 година продолжи успешно да работи во анимацијата. Во 2018 година, заедно со покојниот Коби Брајант, ја освои наградата „Оскар“ за најдобар краток анимиран филм со „Драга кошарко“, создаден според песната на славниот кошаркар. Подоцна го режираше и анимираниот филм „Над Месечината“, кој беше номиниран за „Оскар“ во 2020 година.


 
 
 

Comments


bottom of page