Освои бодови на дебито во Формула 1, па не можеше да излезе од болидот од замор (Видео)
Како резервен возач на Мерцедес Петронас тимот, Ник Де Врис вчера доби шанса да дебитира во Формула 1, но бранејќи ги боите на Вилијамс како замена за Албон кој не можеше да вози во Италија.
Наспроти очекувањата, Де Врис имаше деби од соништата во „најбрзиот циркус“ и освои први бодови во кариерата откако заврши деветти, па поради големиот подвиг, беше изгласан за возач на денот од страна на фановите.
Де Врис доби честитки од сите возачи во падокот и се претвори во главна ѕвезда по трката во Италија која заврши на најнепопуларен начин со безбедносно возило, но вирално стана и видеото од неговата состојба по трката.
Честитките од Вилијамс за првите бодови на дебито пристигнаа веднаш по минувањето на целната линија, но кога го паркираше болидот, Холанѓанецот побара помош.
Болидите во Формула 1 знаат максимално да ги истоштат и да ги изморат возачите, па Де Врис побара помош за да излезе од болидот по својата дебитантска трка, бидејќи како што порача самиот, веќе не можел да ги крене рацете од замор.
Comments