top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Орден за заслуги и леб и сол за Стефановски, Арсовски, Димушевски и Тавитјан

„Вашата музика, во дамарите на македонската душа има митски димензии, затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа и сѐ уште растат и живеат генерации Македонци“, им се обрати претседателот Стево Пендаровски на одликуваните музичари кои беа пречекани со леб и сол. Тој кажа дека леб и сол е традиција која постои не само кај нас, туку и кај многу други народи и значи дека гостите се добредојдени. Само кај нас, додаде, ‘Леб и сол’ oзначува култ, категорија, институција со наднационално значење и вонвременски карактер

“Музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан се национално наследство кое е одамна впишано во културната и социјалната ДНК на нашата држава, на македонскиот народ и на сите наши граѓани“, посочи вчеравечер претседателот Стево Пендаровски на свечената церемонија на која четворицата музичари беа пречекани со леб и сол и одликувани со „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“. Како што велат од Кабинетот на претсеателот, ова престижно признание тие го добиваат за извонредното, автохтоно и уникатно музичко творештво во рамките на џез-рок групата „Леб и сол“, како нејзини предводници, со којашто оставија трајни вредности во современата македонска музика и придонесоа за афирмација на македонската музичка уметност и на македонската култура во светот, како и за нивните значајни солистички постигнувања.

„Вашата музика, драги лауреати, во дамарите на македонската душа има митски димензии, затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа и сѐ уште растат и живеат генерации Македонци“, им се обрати на одликуваните претседателот Пендаровски. Тој кажа дека леб и сол е традиција која постои не само кај нас, туку и кај многу други народи – нордиски, балтички, кај Евреите, кај Албанците, кај балканците и значи дека гостите се добредојдени. Само кај нас, во македонскиот јазик, тој израз, вели, има и друго, посебно, дополнително значење. Имено, кај нас, ‘Леб и сол’ oзначува култ, категорија, институција со наднационално значење и вонвременски карактер. Пендаровски посочи дека уште од нивниот прв албум објавен во далечната 1978-та, „Леб и сол“ беа дефинирани како неприкосновени инструментални виртуози и пионери во она што критичарите го нарекоа „world music fusion„ – комбинирајќи рок, џез и традиционални македонски ритми, при тоа, создавајќи музика која далеку ги надмина границите на времето. Пред речиси половина век, ‘Леб и сол’како што истакна Пендаровски, се етаблираа во национална гордост и категорија, статус кој без напор го одржуваат низ годините, сѐ до ден-денешен.

“Во 1990-тите, членовите на групата започнаа и солистички кариери, соработувајќи со исклучителни музичари од целиот свет, проширувајќи ги музичките хоризонти, но, останувајќи верни на етничкото наследство и националниот дух без кои не можете да оставите белези на глобален план. Музичкото творештво и наследство на ‘Леб и сол’ и во 21-от век продолжува да ги инспирира музичарите да истражуваат нови предели додека ги почитуваат сопствените корени. Прашајте кој било млад човек кога за прв пат навлегува во светот на музиката, дали знае за гитарското интро на Влатко во ‘Бистра вода’, фретлес бас-линиите на Бодан во истата нумера, аранжманите на Кокан во ‘Учи ме мајко, карај ме’ или седумосминските ритми на Гаро кога тапанот ќе грмне со подземен екот. Патувањето на ‘Леб и сол’ од Скопје до меѓународно призната музичка постава е доказ за моќта на нивното креативно изразување кое далеку ги надминува националните граници. Преку специфичните миксови на наследството на нашата нација со планетарните музички влијанија, ‘Леб и сол’ не само што го збогатија културниот идентитет на македонското општество, туку, дадоа суштински придонес и за развојот на музиката и на глобално ниво“, додаде Пендаровски, додавајќи дека нивниот опус е доволен за барем уште десет вакви одликувања. Претседателот не пропушти во оваа прилика на четворицата музичари да им каже: “На сите нас, а посебно на младите генерации во овие сложени и грди времиња, ни е потребен нов албум од вас – во овој формат“. (Д.Т.)



1 view

Comments


bottom of page