Орден за заслуги за Милица Стојанова, Милка Ефтимова и Стојна Вангеловска
- Aleksandar Santovski
- Mar 25, 2022
- 4 min read
25.03.2022 Mart Petok
Претседателот Стево Пендаровски, денес во Филхармонија, ги одликува со Орден за заслуги актерката Милица Стојанова, оперската пејачка Милка Ефтимова и кошаркарката Стојна Вангеловска, а ги додели и признанијата „Повелба на Република С Македонија“ на Факултетот за драмски уметности, на ИФФК „Браќа Манаки“ и на Турскиот театар
Театарската и филмска актерка Милица Стојанова, оперската пејачка Милка Ефтимова и кошаркарката Стојна Вангеловска се трите исклучителни жени кои ја задолжија македонската култура и спорт, а кои денес, на свечена церемонија во Филхармонија, беа одликувани со Орден за заслуги за Република С Македонија од страна на претседателот Стево Пендаровски.
„Радост и голема чест е да се одадат признанија на личности и институции кои ги претставуваат ‘рбетот, образот и честа на нашата држава. Ако сакаме општество кое во секој свој сегмент ќе ја одразува современоста изнедрена од континуитетот, тогаш треба да ги истакнуваме и впишуваме во националната меморија оние без кои нашата државност не би имала темели за понатамошно надградување. Како го обликуваме јавниот простор, дали го чуваме паметењето за наследената и за живата култура, колку грижливо ги архивираме сите сегменти од нашиот комплексен социокултурен идентитет, како ги создаваме и колку ги почитуваме сопствените вредносни системи, од нас зависи. Во глобалниот политичко-историски момент кој го живееме, а кој се одликува со недоверба и масовно преиспитување на повеќето клучни цивилизациски придобивки, кои, за жал, се разнишани, како никогаш досега ништо не е поважно од афирмирање на примерите на човечката извонредност во културата, уметноста, науката, образованието, спортот. Во таа смисла, одликувањата освен што се благодарност кон одликуваните за нивните постигнувања, тие ги афирмираат и моделите на доблесно човеково однесување како патокази за идните генерации. Одликувањата се сатисфакција за посветеноста, за вложениот труд и за ефектите од него на одликуваните, но тие се и аргумент дека пошироката заедница поседува референтни точки врз основа на кои што може и понатаму да ги гради своите развојни политики во сите витални општествени сфери“, рече претседателот Пендаровски пред доделувањето на највисоките државни признанија.
Притоа, тој на реномираната актерка Милица Стојанова ѝ го врачи Орденот за заслуги за нејзиниот фундаментален придонес во основачките процеси на македонскиот театар, како и за воспоставување иновативни методи, високи критериуми и за нивен развој во современото актерско мајсторство, како и за афирмација на македонскиот театар и на македонскиот филм на национално и на меѓународно ниво. „Ова признание го примам во свое име и во име на моите колешки и колеги, и оние кои веќе не се меѓу нас, а кои имаат придонес за резултатите на нашата Република“, рече актерката Милица Стојанова.
Оперската пејачка Милка Ефтимова, која беше одликувана со Орден за заслуги за нејзиниот исклучителен и траен придонес во развојот на оперското пеење, со што придонесе за афирмација на македонската оперска уметност на национално и на меѓународно ниво, како и за посветената и значајна педагошка активност, пак, пред присутните искажа благодарност за укажаната почит, но и на сите нејзини соработници кои се заслужни да го добие ова признание.
Спортистката Стојна Вангеловска, на која ѝ беше врачен Орден за заслуги за нејзините постигнати највисоки резултати во кошарката на домашен и на меѓународен план како играч и како тренер, како и за исклучителен придонес во македонската кошарка и на македонскиот спорт, истакна дека ова државно одликување ќе ѝ биде мотив за понатамошните активности во нејзината спортска мисија. „Чест е да се биде со овие храбри и силни жени, доајени во нивните професии“, додаде Вангеловска.
Претседателот Пендаровски ги додели и признанијата „Повелба на Република С Македонија“ на Факултетот за драмски уметности, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и на Турскиот театар на претставниците на овие културни институции.
Повелбата Факултетот за драмски уметности ја доби по повод 50-годишното постоење и за суштински и траен придонес во развојот на театарската и на филмската уметност, како и на драмското творештво преку педагошка дејност и преку автономна и автохтона театарска и филмска едукација. Деканката на ФДУ, Мими Таневска-Србиновска, која го прими признанието посочи дека ФДУ има своја приказна која посветено ја гради 53 години. Цитирајќи го Горан Стефановски, дека „Ниедна култура не може да опстане без точна, снажна и автентична приказна“, Таневска Србиновска истакна дека на ФДУ се образувале многу студенти кои денес се репрезенти на македонската култура, дома и во светот.
На директорот Симеон Дамевски, пак, во име на ИФФК „Браќа Манаки“, му се додели Повелбата по повод 40-годишното постоење на фестивалот, но и за неговиот значаен и непроценлив придонес во развојот на македонската кинематографија и за нејзина афирмација во светски рамки, како и за афирмација и популаризација на филмската уметност низ нејзиниот најспецифичен сегмент — кинематографијата. „Огромна чест ми да го примам ова признание во името на моите претходници, но и на ДФРМ и професионалците и вљубениците на филмот кои со макотрпна работа го имаат изградено фестивалот како најпрестижен во нашата држава“, рече Дамевски.
По повод 70-годишното постоење и за особени постигнувања на полето на театарската уметност и за нејзина афирмација и популаризација, како во земјата така и во странство Повелба доби Националната установа Турски театар. Директорката Несрин Таир се заблагодари за признанието од целиот колектив и посочи дека тоа го потврдува сето она што тие како ансамбл го работат со посветеност. (Н.И.Т.)



Comments