Опсет постави нов светски рекорд во скијачки летови за жени
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – СВЕТСКИ КУП ВО ВИКЕРСУНД
18.03.2024 Mart Ponedelnik
Силје Опсет од Норвешка постави нов светски рекорд во скијачки летови за жени, откако на натпреварот на леталницата во Викерсунд (Норвешка) оствари скок од 230,5 метри.Тоа е за четири и пол метри повеќе од досегашниот светски рекорд, поставен од Словенката Ема Клинец, исто така, во Викерсунд, во март 2023 година. Во тренинг-серијата вчера, Опсет имаше скок од 236 метри, но падна, па тој резултат не се смета за светски рекорд.Со овој натпревар во Норвешка заврши и натпреварувањето „Ро еар“ (збир од сите девет скока во минатата недела одржани на скокалниците во Осло, Трондхајм и во Викерсунд) во кое победи Норвежанката Ерин Мариа Квандал, пред Опсет и Ева Пинкелинг од Австрија.На еден натпревар до крајот на сезоната во Светскиот куп во скијачки скокови за жени (сезонава завршува в четврток, со натпреварот на Планица, во Словенија), Ника Превц (19) од Словенија ја освои својата прва титула во Светскиот куп, пред ланската победничка Пинкелинг. Превц сезонава забележа седум победи и имаше и четири втори места.Светскиот рекорд за мажи е поставен исто така во норвешки Викерсунд, а го држи Стефан Крафт од Австрија, со 253,5 метри, во 2017 година. Вчера во норвешкиот скијачки центар се одржа првиот натпревар за мажи, во кој победи Крафт со скок од 244,5 метри, а синоќа на програмата беше вториот натпревар.По првиот натпревар вчера Крафт го обезбеди својот трет голем кристален глобус за титула во Светскиот куп, пред двата последни натпревара сезонава, викендов на Планица, каде што ќе се решава и трката за малиот кристален глобус, за титулата во скијачки летови. Н.М.
Comments