top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Операта „Набуко“ на 11 ноември на сцената на Националната опера и Балет

Моќното ремек-дело од Џузепе Верди, операта „Набуко“, ќе се изведе на сцената на Националната опера и Балет на 11 ноември со почеток во 20 часот. Под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло-дизајн Милчо Александров. Насловната улога ќе ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле ќе настапи гостинката од Србија, сопранот Сања Керкез, добитничка на голем број награди и признанија, меѓу кои годишната награда на Народниот театар во Белград за уметничко достигнување за улогите во оперите „Лучија од Ламермур“, „Травијата“ и „Риголето“. Благој Нацоски ќе настапи како Исмаил, Ирена Кавкалевска ќе ја игра Фенена, а во улогата на Захарие ќе настапи Игор Дурловски. Во другите улоги ќе настапат Борко Биџовски, Ана Ројдева-Талевска, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, женскиот балетски ансамбл и ученици од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ . „Набуко“ е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска скала. Тоа е третата опера на Верди за која се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор. Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како заднина на романтичниот и на политичкиот заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија, која станала драматуршки и музички столб на делото Va, pensiero, sull’ali dorate („Летај на златести крилја“).


1 view

Comments


bottom of page