Онлајн презентацијата не може да го замени личното присуство на изложба
15.04.2021 April Cetvrtok
Петра Јовановска, уметница
Петра Јовановска (1972) е родена во Јесеник, Р Чешка. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика во класата на проф. Димче Николов. Членка е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија и на други европски ликовни друштва. Добитничка е на награди во Македонија и во странство, меѓу кои е и наградата за графика „Димче Николов“ за 2011 година. Досега реализирала 47 самостојни изложби, а учествувала на над 300 групни изложби. Таа во овој период е и кураторка на меѓународната изложба „Временските граници не постојат“, на која во галеријата „Ко-ра“ во Скопје, покрај делата на чешките уметници Ленка Сарова Малиска и Карел Штаинер, се изложени и нејзини графики.
На кој начин успеавте и во оваа пандемична година да ја одржите македонско-чешката комуникација на полето на ликовната уметност по која веќе сте и препознатлива во јавноста? – Можеби пандемијата ја направи повторно оваа комуникација, со оглед на тоа дека не можеме да патуваме, да се посетуваме, па на тој начин се обидов да направам некојаси илузија на дружба, соединување, посета. Ме радува тој културен мост помеѓу Р Чешка и Македонија, пред сѐ, во областа на визуелните уметности.
Споменатата изложба во „Ко-ра“ е поддржана и од Амбасадата на Република Чешка во земјава. Што вам како уметница ви значи таа поддршка и дали при реализација на вашите изложби во Чешка наидувате на соодветна поддршка од тамошните државни, но и приватни институции и организации? – Амбасада на Р Чешка досега секогаш ме поддржуваше во рамките на своите можности во моите изложби, самостојни и групни (тука мора да ја напоменам патувачката изложба на група уметници од Р Чешка и Македонија што се реализира во седум града низ земјата во 2017 година). Нивната поддршка многу ми значи и се надевам дека ќе продолжи и во иднина. Исто така имав во минатото позитивна поддршка од Амбасадата на Македонија во Р Чешка за неколку проекти од меѓународен карактер (пред сѐ, чешко-македонски). Што се однесува до чешките државни или приватни институции, поддршката е слична како кај нас, со изложбен простор, промоција и сл.
Задоволна ли сте од реакциите на публиката на изложбата во „Ко-ра“, од реакциите на македонската и на чешката јавност, кои истата таа сега може да ја видат и виртуелно? – Искрено на некој начин сум, бидејќи станува збор за ликовен проект во време на пандемија и се случува и делумно виртуелно. Но мора да напоменам дека со онлајн презентацијата не можат да се заменат личното присуство на изложбата, дружбата и разговорите при отворањето. Ликовните уметници творат во осаменост, во изолација, па поради тоа им се потребни тие уметнички средби со публиката, со колегите.
Дали првпат изложувате заедно со уметниците Ленка Сарова Малиска и Карел Штаинер и што е она што ве поврзува на авторски, но и на човечки план? – Нашата заедничка соработка започна пред неколку години, непланирано, со посредство на нашата заедничка пријателка Хелена Фенцлова, која во 2016 година беше и кураторка на Зимскиот салон во Скопје. Ленка и Карел беа дел од мој проект – патувачката изложба. Со Ленка уметничкиот пат ни се вкрсти неколкупати, и тоа со нејзино присуство на неколку ликовни колонии во Македонија (Охрид, Струмица) и исто така на неколку заеднички изложби во Р Чешка („Македонски рефлексии“, „Замок Кленова“). Со Карел се сретнавме и бевме учесници во уметничкиот проект „Корени и крила“, кој се реализира во Плзењ. Секој од нас твори во друг медиум, кој навидум е различен, но мислам дека во визуелната уметност не постои ограничување. Самиот уметник мора да биде со слободен поглед кон нештата, кон животот, патот… Мислам дека баш разликата на медиумите и мотивите на нашето творештво се тоа што нѐ врзува, дека треба да ја почитуваме таа разлика и индивидуалност и таа да нѐ обединува. Исто така, Ленка и Карел не само што се одлични уметници, пред сѐ, се прекрасни луѓе, со кои е радост и задоволство да се соработува.
Годинава со две графики учествувате на изложбата „Славење на женската генијалност“, која до 23 април се одржува во Орландо, САД, и на глобалната платформа „Гугл артс енд калчр“. Кои беа патиштата што ве доведоа до овој, несомнено, многу значаен момент за глобална авторска презентација? – Патиштата беа случајни. Понекогаш навидум „случајните“ средби и комуникации носат попријатни резултати.
Со оглед на тоа дека вашето творештво и во ова кризно време ги надминува видливите и невидливите граници, како би го дефинирале моментот на своето авторско живеење, што ве инспирира, а што успева да ве ограничи? – Можеби сега ова ќе звучи како клише, но ме инспирира животот, постојаното трагање по неговата смисла, која постојано пробувам да ја доловам, досега во тоа не успеав, но упорно продолжувам. Самиот пат во тоа трагање создава цел процес во уметничкото творештво. Моментално ме ограничува ограничувањето во смисла на патување, средби… Патувањето како симбол на слобода, на уметност…
Comments