Олимписко село изградено од спортисти за спортисти ПРИСТИГНАА ПРВИТЕ НАТПРЕВАРУВАЧИ ЗА ЛОИ 2024 ВО ПАРИЗ
22.07.2024 juli Ponedelnik
ПРИСТИГНАА ПРВИТЕ НАТПРЕВАРУВАЧИ ЗА ЛОИ 2024 ВО ПАРИЗ
Олимпиското село располага со широк спектар објекти и услуги што ќе им бидат потребни на спортистите за време на Игрите. За да се осигури дека сите погодности се дизајнирани имајќи ги предвид потребите на спортистите, Комисијата за спортисти за ЛОИ 2024 ги покани спортистите од сите пет континенти да ги изнесат своите идеи и барања за селото
Спортистите од целиот свет почнаа да пристигнуваат во својот „дом далеку од дома“ за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, откако Олимпиското село официјално ги отвори вратите во француската престолнина, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Претседателот на ИОК, Томас Бах, ги поздрави некои од првите спортисти што пристигнаа.
Приближно 10.500 спортисти од петок ќе се натпреваруваат на ЛОИ 2024, мнозинството ќе престојува во главното Олимписко село од 54 хектари, кое се наоѓа на брегот на реката Сена, а дополнителни села за спортисти има во Шатору, Лил, Марсеј и на Тахити, кои ќе им бидат домаќини на оние што ќе се натпреваруваат во стрелаштво, кошарка (прелиминарна рунда), ракомет, едрење и сурфање, пишува ИОК. Бах беше на отворањето на Олимпиското село заедно со претседателот на Игрите во Париз, Тони Естанге, и претседателот на Координативната комисија на ИОК, Пјер-Оливие Бекерс-Виежан.– Конечно сме тука. Тоа беше долго патување во овие седум години, но беше многу наградувачко благодарение на нашите пријатели во Организацискиот комитет под водство на Тони Естанге и неговиот тим, кои тесно соработуваа со координативната комисија на ИОК под водство на Пјер-Оливие Бекерс-Вјежан. Имаме прекрасно олимписко село и сите состојки за одлични олимписки игри се тука – рече Бах.
Олимпиското село располага со широк спектар објекти и услуги што ќе им бидат потребни на спортистите за време на Игрите. За да се осигури дека сите погодности се дизајнирани имајќи ги предвид потребите на спортистите, Комисијата за спортисти за ЛОИ 2024 ги покани спортистите од сите пет континенти да ги изнесат своите идеи и барања за селото, пишува ИОК.– Тоа е село изградено од спортисти за спортисти. Успеавме да ги обезбедиме сите овие услуги на оптимален начин, така што спортистите имаат само една работа, а тоа е да се фокусираат на нивните натпревари – вели Лоран Мишо, директор на Олимпиското и параолимписко село.
Првпат ќе биде достапен и посветен простор за грижа за менталното здравје на спортистите, а првпат во олимписко село ќе има посебен простор што ќе обезбеди удобно опкружување за родителите спортисти да поминуваат време со своите бебиња и мали деца за време на Игрите. По ЛОИ, селото ќе стане дел од околниот регион Сена-Сен Дени, за домување, продавници, јавни објекти, работни места и зелени површини, пишува ИОК. Н.М.
Comments