Олимпискиот оган денеска ќе пламне, но без публика
18.10.2021 Oktomvri Ponedelnik
ВО ПРЕСРЕТ НА ЗИМСКИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО 2022 ГОДИНА
Во пресрет на Зимските олимписки игри (ЗОИ и Параолимписки игри (ПОИ) во 2022 година во Пекинг, традиционалната церемонија на палење на олимпискиот оган во лулката на олимпизмот ќе се одржи без гледачи, објави Грчкиот олимписки комитет. – Поради ситуацијата поврзана со ковид-19, церемонијата на палење ќе се одржи во строга согласност со локалниот здравствен протокол – вели Грчкиот олимписки комитет. Церемонијата сега ќе се одржи пред ограничен број членови на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и грчкиот и кинескиот комитет. Поради драстичните мерки што беа во сила во Кина, грчкиот комитет, исто така, ги засили мерките и одлучи дека патот на олимпискиот факел ќе биде „пократок отколку во минатото“. Факелот за ЗОИ и за Параолимписките игри (ПОИ) ќе отпатува за Атина во рекордно време пред да полета за Пекинг. Традиционално, пламенот поминува стотици километри за неколку дена, минува низ многу градови и археолошки локалитети во Грција и го носат актери и спортисти од целиот свет. Годинава првпат во историјата олимпискиот факел ќе го носат само две лица, грчкиот скијач Јанис Антониу и Кинезот Ли Јиајун, носител на пет олимписки медали на ЗОИ (во 1998, 2002 и во 2006 година), за помалку од 24 часа, по што ќе му биде предаден на Организацискиот комитет на Игрите во 2022 година, без публика.
Comments