top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Одреден главниот судија за „Ел Класико“, Барселона има два порази од Реал кога тој ја делел правдата

По завршените натпреварите во третото коло од групната фаза во Лигата на шампионите, фудбалерите повторно се насочуваат кон домашните првенства, а претстојниот викенд во Европа има неколку големи дерби пресметки.

Очите ќе бидат вперени во Шпанија, Англија и Италија, но сепак во фокусот ќе биде големото „Ел Класико“ дерби кое в сабота се игра на „Монжуик“ стадионот во Каталонија.

Барселона ќе биде домаќин на првото „Ел Класико“ кое се игра оваа сезона, а на два дена пред одигрувањето на натпреварот, Шпанците го одредија и главниот судија за натпреварот.

Хил Мансано е конечниот избор на телото кое ги делегира судиите во Шпанија, па ако се суди според традицијата, Реал треба да биде позадоволен од овој избор.

Мансано досега двапати во кариерата судел едно големо дерби меѓу двата лути ривали, а на двете пресметки победа остварил „кралскиот клуб“. Првиот меч во сезоната 2014/15 заврши со победа од 3:1 за Реал, а вториот датира од сезоната 2020/21 кога исто така славеше тимот од престолнината со 2:1.

Ова ќе биде прв натпревар на кој Мансано ќе суди во ситуација кога Барселона е домаќин, па така каталонците ќе бркаат и прва победа со овој судија.


0 views

Comments


bottom of page