Одобрено е тестирање за дополнителна замена поради потрес на мозокот
18.12.2020 Декември Петиок
ФУДБАЛ – ИФАБ
Од следниот месец на фудбалските натпревари (прво пробно) ќе се дозволува дополнителна замена кога ќе има сомневање дека некој играч претрпел потрес на мозокот, објави Одборот на меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ) додавајќи оти ќе бидат направени „обемни испитувања“ со фокус на тоа дека „ако се сомневате, играчот треба да се повлече“, објави „Асошиејтед прес“ (АП). На тимовите ќе им биде дозволена трајна замена на фудбалер во случај на потрес на мозокот, со тоа што играчот што ќе излезе од теренот не смее повторно да се врати. Целта е повредениот фудбалер да не остане на теренот и да се обесхрабрат брзите медицински проценки. – Сите се согласија дека во случај на вистински или на сомнителен потрес на мозокот играчот треба трајно да го напушти теренот за да се заштити неговото здравје, но тимот на фудбалерот да не остане со помалку играчи – пишува во соопштението на ИФАБ. Англиската фудбалска асоцијација (ФА) веќе соопшти дека ќе го искористи тоа правило на натпреварите во машка и во женска конкуренција во ФА-купот, кои продолжуваат во јануари. Ваквата промена на правилото почнува на почетокот од 2021 година. „Ова соопштение доаѓа по помалку од една година детална консултација со релевантни засегнати страни, медицински експерти за потреси на мозокот, лекари од тимовите, претставници на играчи, тренери, организатори на натпревари, судии и експерти за правилата на играта“, пишува на својата интернет-страница ИФАБ, телото задолжено за измени на фудбалските правила.
Со децении на тренерите не им беа дозволени повеќе од три замени по натпревар, иако минатото лето тоа ограничување беше зголемено на пет, поради згуснатиот календар како последица на пандемијата на ковид-19. Според сегашните правила, ако некој фудбалер претрпи потрес на мозокот откако неговиот тим веќе направил три замени, тој тим нема право на уште една замена. Претходните години повредите на главата во фудбалот беа под зголемен надзор. Со текот на годините, многу национални асоцијации забранија удирање на топката со глава за најмладите возрасни категории.
Comments