Одлична организација, петто место за Катерина Ацевска
ПО ПРВИОТ ДЕН НА ЕВРОПСКИОТ ЏУДО-КУП ВО ЈУНИОРСКА КОНКУРЕНЦИЈА ВО СКОПЈЕ
Македонската џудистка Катерина Ацевска во тежинската категорија до 78 кг го освои одличното петто место по првиот ден на Европскиот џудо-куп за јуниори/ки во Скопје, во СЦ „Јане Сандански“. Таа беше многу блиско до бронзениот медал, но не успеа да стигне до посакуваната цел во репасажните борби. Ацевска, предводена од селекторот на јуниорите Александар Фузевски, на стартот ја совлада хрватската претставничка Марцелина Врањеш сo 2-0, но во репасажната борба за бронзата загуби од Босанката Лана Бјелица со 0-2. Дел од репасажот беше и Игнат Петров (до 60 кг), но, како и Лилјана Недановска (до 63 кг), го освои седмото место. На првиот ден од овој значаен спортски настан, кој првпат се одржува во Македонија и мина во одлична организација, од македонските џудисти настапија уште Сергеј Димитровски, Никола Магдески, Андреј Симоновски, Георгиј Магдески и Кристина Мантароска, додека вчера, на вториот ден, требаше да настапат уште преостанатите осум македонски преставници. Возбудливи и бескомпромисни борби со атрактивни фрлања на душекот го окарактеризираа првиот ден од Европскиот џудо-куп за јуниори, а СЦ „Јане Сандански“ беше перфектно подготвен за сите што сакаа да се покажат во што посветло издание. Претходно, а во согласност со протоколот, официјалното мерење и ждрепката се одржаа во петокот, а во саботата попладне беше свеченото отворање на Купот. Освен во саботата, вчера се одржаа и вторите финални блок-борби, кои требаше да ги дадат преостанатите шампиони. На Европскиот јуниорски куп настапија вкупно 229 џудисти/ки од 29 земји. Европскиот џудо-куп за јуниори/ки свечено го прогласи за отворен претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски, кој покрај благодарноста до сите што овозможија овој голем спортски настан да се одржи во Македонија, на сите учесници им посака одлични борби и врвни резултати.
– ЏФМ ја доби честа првпат да го организира овој настан, што е историски момент за нас и за македонското џудо, но и реализација на нашите напори и долгогодишни заложби. Значењето на овој чин е дотолку поголемо што со овој куп веќе станавме признаени и препознаени на светската џудо-мапа. „Скопје 2023“ е собир на најдобрите џудисти јуниори, повеќе од 200, меѓу кои и 15 македонски репрезентативци. Драги спортисти, ви посакувам врвни резултати, исполнување на личните амбиции и докажување на официјалните ранг-листи. Нека ве водат спортскиот дух и вештината во која сте се вложиле и која ја живеете, оти џудото е повеќе од спорт. Сакам да ја истакнам и мојата благодарност до Европската џудо-унија за постојаната подршка во сите наши активности, сегашни и идни, за што поголем развој на џудото, но најмногу за дадената доверба за организирање вакво врвно европско натпреварување. Верувам дека ќе ја оправдаме довербата и ќе се покажеме како земја достојна за организација на врвни натпревари од европски и светски рамки и земја што ќе го промовира џудото на највисоко ниво. Ви посакувам успешни борби и постигнување врвни резултати – истакна Трпаноски на чинот на свеченото отварање на Европскиот џудо-куп.
На присутните им се обрати и советникот на Европската џудо-федерација, Бранислав Црногорац, кој на сите џудисти што сонуваат да се појават на една од следните олимпијади им порача да продолжат со своето усовршување, оти овој настан е дефинитивно еден од нив, притоа ја истакна одличната организација на ова спортско натпреварување. Присутните ги поздрави и министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски, кој меѓу другото истакна дека овој куп е само почеток на една нова убава спортска традиција. Најдобрите европски џудисти/ки во јуниорска конкуренција нема да си заминат денеска, туку ќе го продолжат престојот во Скопје и во следните два дена, по завршувањето на Европскиот џудо-куп, за кога е закажано да се одржи и европскиот џудо-камп во истата конкуренција. Г.И.
Резултати на македонските преставници – прв ден (до 63 кг)
Кристина Мантароска – Нина Цвјетко (Хрватска) 0-1 Лилјана Недановска – Мишел Миза (Израел) 1-0 Лилјана Недановска – Дебора Ѓакова (Косово) 0-1 Репасаж Лилјана Недановска – Тора Братаас (Норвешка) 1-2 (до 60 кг) Сергеј Димитриоски – Динари Доукинс (В. Британија) 0-1 Игнат Петров – Растко Анѓеловиќ (Србија) 0-2 Репасаж Игнат Петров – Идо Медитаче (Израел) 1-0 Игнат Петров – Халид Алараби (С. Арабија) 0-1 (до 66 кг) Никола Магдески – Артом Сорочан (Украина) 0-1 (до 73 кг) Андреј Симоновски – Игњат Пауновиќ (Србија) 0-1 Георгиј Магдески – Абдулраиф Маимани (С. Арабија) 2-0 Георгиј Магдески – Дарко Топаловиќ (БиХ) 0-1
Comments