top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Одлична игра пред дебито на ЕП во фудбал

ФУДБАЛ

Македонската фудбалска репрезентација по тригодишна пауза одигра пријателски меч, прикажа одлична игра во ремито 1-1 со Словенија во Скопје во првиот тест-натпревар во пресрет на дебито на Европското првенство (ЕП) идната недела. Пред околу 10.000 гледачи на арената „Тодор Проески“, Македонија поведе во 55. минута со голот на Елиф Елмас, негов трет во трет натпревар во низа (претходно со Лихтенштајн во Скопје и со Германија на гости во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2022 година во Катар) по одличниот контранапад, а гостите израмнија во судиското продолжение со погодокот на Домен Чрнигој. Следниот пријателски натпревар за Македонија е утре со Казахстан, во Скопје. Селекторот Игор Ангеловски средбата со Словенија ја почна со состав Столе Димитриевски, Eгзон Бејтулаи, Дарко Велковски, Висар Муслиу, Стефан Ристовски, Бобан Николов, Аријан Адеми, Езџан Алиоски, Елиф Елмас, Александар Трајковски и Горан Пандев. Во вториот дел во игра влегоа и Иван Тричковски, Тихомир Костадинов, Даниел Аврамовски, Кире Ристевски, Ферхан Хасани и Дарко Чурлинов.

Претходно Македонија играше две пријателски средби во март 2018 година (со Финска 0-0 и со Азербејџан 1-1, двете во Турција) и засега нема пораз на тест-средби рамно пет години. Од 2018 година, поради изменетиот систем на натпревари во Европа, Македонија играше само официјални средби, во квалификациите за Европското првенство и во Лигата на нации. Во дуелите со Словенија остана убедливо подобриот скор, со четири победи две ремија и еден пораз. Македонија во првото коло на групата Ц на Европското првенство на 13 јуни во Букурешт игра со Австрија, четири дена подоцна одново во главниот град на Романија е средбата со Украина, а на 21 јуни и дуелот со Холандија во Амстердам. Во осминафиналето на ЕП 2020 ќе се пласираат првите две селекции од секоја од шесте групи, како и четири најдобри репрезентации меѓу третопласираните.


2 views

Comments


bottom of page