Одермат продолжува да се трка на три фронта
АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Додека Светскиот куп во алпско скијање продолжува и Микаела Шифрин е во трка по историски резултат во женското алпско скијање, нешто извонредно е исто така цел во трките за мажи, откако швајцарската сензација Марко Одермат (25) може да забележи една од најуспешните индивидуални сезони во историјата на спортот, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Одермат доминира во две дисциплини сезонава, во супервелеслалом од шест трки победи на четири, беше втор на една и трет на друга. Во велеслалом, од пет трки, победи на четири. Тој имаше и четири подиуми во спуст. Откако ги освои златните медали во спуст и во велеслалом на неодамнешното Светско првенство (СП), неговата самодоверба ќе биде голема. Одермат, кој не се натпреварува во слалом, ќе верува дека може да победи на секој натпревар што ќе го почне.
Тој е убедливо прв во генералниот пласман, со 1.386 поени. Со преостанати трки, Одермат не може да го собори неверојатниот рекорд на Тина Мазе од 2.414 поени, од сезоната 2012/2013, откако победи на 11 трки и имаше 24 подиуми. Сепак, на повидок е машкиот рекорд на Херман Мајер од 2.000 поени, од 2000 година. Ако настапи стабилно, а можеби и победи на еден од двата спуста во Аспен, тој ќе влезе во финалето на Светскиот куп во Солдеу со три трки за да испише историја. Ништо не е сигурно во скијачките трки, а многу фактори уште можат да го запрат Одермат, кој брзо станува најголемиот спортски идол на Швајцарија по Роже Федерер. Тој остана во врвна форма низ оваа напорна сезона на три фронта. Физички, тој изгледаше способно да прави тешки вртења на замрзнатите патеки каде што другите не можеа. Тој донесе брзина на спуст во велеслалом и технички сјај на брзинските настани. Најимпресивно од сѐ беше неговата ментална сила.
Но кој би можел да го спречи? Александер Амод Килде (Норвешка) беше најдобриот во спуст сезонава и единствениот што го победи Одермат во таа дисциплина. И тој е физички феномен што секогаш се движи до самата граница. И на 30 години, Норвежанецот уште може да прави работи на најбрзите трки што другите не можат. Во осум спуста, тој победи во пет. Килде е брилијантен и во супервелеслалом, победувајќи на две трки и двапати завршувајќи втор, зад Одермат. Австриецот Винсент Крихмајр (31) исто така ја продолжува својата постојана извонредност во спуст. Тој победи на три спуста и останува еден од највредните и највозбудливи скијачи. И Јохан Клери (Франција), Алексис Пинтуро (Франција) и Матија Касе (Италија) ќе се тркаат во брзите дисциплини, како и Канаѓанецот Џејмс Крафорд, светски првак во супервелеслалом.
Во велеслаломите Одермат ќе се соочи со Хенрик Кристоферсен (Норвешка), кој е на второто место. Тој ќе вози по успешниот светски шампионат, на кој освои златен медал во слалом и ќе верува дека може да го освои малиот глобус во велеслалом. Во меѓувреме, брилијантниот 22-годишен Лукас Браатен (Норвешка) го победи Одермат во велеслалом сезонава, секогаш смелиот Лоик Мелард (Швајцарија) победи во Шладминг, на трка што неговиот тимски колега не ја почна, Жан Крањец (Словенија) и Марко Шварц (Австрија) беа конзистентни и во велеслалом. Слаломот, пак, е царството на Норвежаните. Во најконкурентниот мал глобус, Браатен има 36 поени пред швајцарскиот слаломски ас Даниел Јуле, а и Кристоферсен е во комбинација… Сите тие ќе го гледаат Солдеу како место за завршување на сезоната со трофеј. Н.М.
Comments