top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Одекнаа зурлите, удрија тапаните, затропаа срцата на младоженците – се одржа Галичката свадба!

15.07.2024 juli Ponedelnik

На годинешното издание на Галичката свадба, на традиционалната и атрактивна церемонија, судбоносното „да“ го кажаа невестата Стефана Димитрова, која по потекло е од Галичник и младоженецот Даријан Кочоски. Годинашната невеста Стефана, преку своите родители, потекнува од познати галички семејства, а двајцата млади и досега биле учесници на Галичка свадба

Во прекрасниот амбиент на Галичник, повторно одекнаа зурлите, удрија тапаните, затропаа срцата на младоженците и сватовите – се одржа Галичката свадба, еден од најавтентичните настани во нашата земја!

И годинава, покрај високите температури, во познатото македонско село се собраа домашни и странски туристи за да ги видат уникатните македонски свадбарски обичаи и ритуали, да полнат очи со богатиот колорит на народните носии кои ги носат учениците на Галичката свадба, но и да уживаат во изворните песни и ора карактеристични за овој дел од нашата земја.

На годинешното издание на „Галичката свадба“, на традиционалната и атрактивна церемонија, судбоносното „да“ го кажаа невестата Стефана Димитрова, која по потекло е од Галичник, и младоженецот Даријан Кочоски. Годинашната невеста Стефана, преку своите родители, потекнува од познати галички семејства, а двајцата млади и досега биле учесници на Галичка свадба.

Манифестацијата, која трае два дена, започнува в сабота навечер со китење на бајракот и со фрлање пушка. Потоа е пречекот на топаните, кои се движат кон куќата на зетот. Тука се играат „Свекрвино“, „Невестинско“ и „Тешкото“ оро. Во неделата, пак, настанот продолжува рано наутро кога се оди на гробишта за канење на починатите, а зетот е на чело на поворката. Откако ќе се вратат оттаму, се кани кумот.

Следуваат најинтересните, за туристите, народни обичаи: го бричат зетот пред чешмата „Упија“, а неговите најблиски „липаат“ затоа што тој се „одделува“ од семејството и се приклонува кон невестата. Потоа свадбената поворка тргнува по невестата, и сватовите стигаат пред нејзината куќа.

„Низ прстен те гледам, в срце да ти влезам“ – кажува невестата додека го гледа младоженецот кој доаѓа да ја земе.

Венчавањето на младенците е во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник. За венчавањето во црквата, главни се свекорот и свекрвата. Свекрвата во една рака носи котле вода, а во другата китка босилок, прскајќи ги младите. Церемонијата завршува со испраќање на зурлаџиите и тапанџиите, додека свекорот ги дарува со пари.

„Галичката свадба“, којашто се одржува во јули, околу големиот празник „Петровден“, е настан кој влегува во ризницата на светските културно-музички настани, а самиот е културно богатство на македонскиот народ. Ваквиот начин на одбележување на „Галичката свадба“ првпат е одржан во далечната 1963 година, и досега имало вкупно 50 изданија. Институционален покровител на „Галичката свадба“ е претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.

Прекрасната манифестација, која со својата енергија, богатството на звуци, бои, автентични настани никого не остава рамнодушен, ја чува македонската традиција и во најдобро светло ја презентира пред домашната и меѓународната јавност. (Н.И.Т.)


2 views

Comments


bottom of page