Одбранетиот пенал не го задоволува Димитриевски кој бара борба до крајот на ЕП
Updated: Jun 19, 2021
19.06.2021 Juni Sabota
Голманот Столе Димитриевски беше еден од најзабележителните македонски репрезентативци во првите два меча од Европското првенство против Австрија (1-3) и Украина (1-3), на кои имаше неколку атрактивни интервенции, а успеа да обрани и пенал.
– Првиот натпревар беше доста добар, иако имавме тактички грешки. Против Украина првото полувреме беше послабо, но во второто полувреме се претставивме во најдобра слика и со најдобрата игра досега – вели Димитриевски.
Голманот на шпанскиот второлигаш Рајо Валјекано не е задоволен од досегашните настапи, наспроти неговото добро издание.
– Не сум задоволен бидејќи не помогнав да освоиме прв бод, но тоа е фудбалот. Мора да се бориме до крај сите заедно – порачува чуварот на македонскиот гол.
Тој се осврна и на одбранетиот пенал кој го изведе украинскиот фудбалер Руслан Малиновски.
– Ние разговараме на тренинзите, гледаме видеоснимки, ги анализираме противничките шутери. Тешко е да се одбрани пенал бидејќи треба да стоиш на гол-линијата, но успеав – објаснува Димитриевски, кој нагласи дека за одбранбениот пенал се заслужни и останатите голмани и стручниот штаб.
– Одиме во Холандија да се прикажеме во најдобро светло и да постигнеме победа или да освоиме бод – порачува Димитриевски.
Стрелецот на голот против Украина, Езџан Алиоски, смета дека Македонија требала да го одигра целиот меч како што играла во второто полувреме.
Во првото полувреме требаше да играме поагресивно и да правиме посилен пресинг. Ни дадоа два гола и после бевме тешко да се вратиме. Требаше да играме како во второто полувреме. Имаме квалитет, но требаше со овој квалитет да играме од првата минута – вели Алиоски.
Commentaires