Одбојкарските репрезентации ги почнаа подготовките за пласман на ЕП 2026
17.07.2024 Juli Sreda
Македонските одбојкарски репрезентации ги почнаа подготовките за квалификациските натпревари за пласман на европските првенства (ЕП) во 2026 година. ЕП 2026 за одбојкари треба да се игра во Италија, Бугарија, Финска и во Романија, а за одбојкарки во Азербејџан, Чешка, Шведска и во Турција.Машката македонска селекција е во групата Ф, во која на 17 август ќе игра на гости со Грузија и на 25-ти дома со Грција, а на 29 август ќе се сретнат меѓу себе и Грција и Грузија. По овие средби квалификациите продолжуваат во август в година. Црвено-жолтите играат за пласман на четвртото континентално првенство во низа, по настапите во 2019 година (17-то место), 2021-та (23-то место) и во 2023 година (16-то место).
За разлика од Европската златна лига годинава, во составот на Македонија ќе биде стандардниот репрезентативец Александар Љафтов, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и пет најдобри меѓу второпласираните. Од претходно директен пласман обезбедија четирите домаќини на првенството, како и Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и Португалија според пласманот на ЕП 2023.
На собир во Маврово е и женската одбојкарска репрезентација на Македонија, која исто така во август ќе игра два квалификациски натпревара за пласман на ЕП 2026. Репрезентативката Тамара Стојанова вели дека во пресметките со Австрија дома и со Грција на гости, целта е да ја надгради играта во споредба со претходните натпреварувања, пренесе ОФМ. Македонија и Австрија играат на 17 август, Австрија и Грција на 25-ти, а Грција и Македонија на 28 август. Квалификациите потоа продолжуваат во август в година. На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и пет најдобри меѓу второпласираните. Обезбеден пласман имаат домаќините, како и Србија, Холандија, Италија, Полска, Франција, Бугарија, Украина и Словачка, според пласманот на Европското првенство во 2023 година. Н.М.
Comments