Одбојкарите се подготвени за реваншот во Данска
ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА
Македонската машка одбојкарска репрезентација во данскиот град Шлагелсе, од денеска до недела треба да ги одигра последните три средби од вториот турнир во групата А на европската Сребрена лига, против селекциите на Данска, Израел и на Кипар. На првиот турнир, во салата „Парк“ во Струмица, Македонија ги победи Кипар (3-0) и Израел (3-1), а загуби од Данска (0-3), иако во сите три сета резултатот беше неизвесен. Води Данска со осум бода, Македонија има шест, Израел три, а Кипар еден бод. Избраниците на македонскиот селектор, Никола Матијашевиќ, сега ќе имаат нова можност, токму на теренот на Данска, да ѝ се реваншираат за поразот и со три победи да се вратат на завршниот турнир, кој, исто така, ќе се одржи во Струмица, на 5 и на 6 јуни. Амбицијата на македонската репрезентација ќе биде токму да се достигне вистинската форма за учеството на завршниот турнир, на кој Македонија е пласирана без оглед на резултатите. Според информациите, нема да има промени во македонскиот состав, односно на паркетот ќе истрчаат оние 14 одбојкари што настапија и на турнирот во Струмица. Решавачкиот натпревар со Данска, од што многу работи ќе зависат околу распоредот на врвот на табелата, се игра денеска од 19 часот.
Финалниот турнир е во Струмица, на 5 и на 6 јуни, на кој ќе играат Македонија и уште три најдобри селекции од двете групи. Во групата Б се Хрватска, Луксембург, Унгарија и Австрија. Во таа група викендов ќе се одржи вториот турнир, домаќин е Луксембург, а по првиот турнир води Унгарија со осум бода, пред Хрватска и Австрија со по пет и Луксембург без бодови. Македонските одбојкари синоќа со ждрепката во Хелсинки требаше да ги добијат и противниците во групната фаза за второто учество на европските првенства. Континенталното првенство годинава треба да се игра во Полска, Чешка, Естонија и во Финска. Репрезентацијата на Македонија е фаворит во Сребрената лига, во која трипати беше втора (во 2015, 2016 и во 2017 година) и еднаш трета (2014-та). Првото место ќе значи и можност за настап во Златната лига в година.
ГРУПА А, ВТОР ТУРНИР
ДЕНЕСКА Израел – Кипар 16 ч. Македонија – Данска 19 ч. УТРЕ Израел – Македонија 16 ч. Данска – Кипар 19 ч. НЕДЕЛА Кипар – Македонија 16 ч. Данска – Израел 19 ч. финалниот турнир е на 5 и на 6 јуни во Струмица
Comments